Утрински Весник
Свет

Израел за прв пат призна сериозни воени неуспеси на денот кога Хамас изврши масакр

Avioni Iz.jpg

Израелската војска го објави првиот официјален извештај за грешките што доведоа до неуспех за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа. Во извештајот се заклучува дека израелските одбранбени сили (ИДФ) „не успеале во својата мисија да ги заштитат израелските цивили“.

Документот од 19 страници во голема мера ги потврдува веќе познатите факти за причините за катастрофалната загуба на околу 1.200 животи, кога приближно 5.000 вооружени членови на Хамас и други палестински групи го нападнаа Израел, земајќи 251 заложник во Газа.


Иако не дава драматични откритија, извештајот јасно покажува како израелската војска погрешно ги проценила намерите на Хамас и ги потценила неговите способности.

Израелската војска ја сметаше Газа за секундарна безбедносна закана, а главна закана беа Иран и Хезболах. Нејзината политика кон Газа е опишана како „парадоксална: Хамас беше нелегитимен, но немаше обид да се развие алтернатива“.

Војската избра пристап за „управување со конфликти“ кон Газа и претпоставува дека Хамас „не е заинтересиран ниту се подготвува за војна од големи размери“, перцепција дополнително засилена со тактиката на измама на Хамас.

Доказите од 2018 година сугерираа дека Хамас, кој се смета за терористичка организација од Израел, САД, Велика Британија и други земји, развива амбициозен план, но тој беше протолкуван како „нереален или неостварлив“ и беше сфатен како „долгорочна амбиција на Хамас, а не конкретна закана“.

Во месеците пред војната, Управата за разузнавање на израелската армија почна да развива нова проценка, според која планот на Хамас не бил само визија, туку „конкретна рамка за оперативно планирање“. Сепак, оваа нова проценка не беше соопштена на високи претставници на военото разузнавање.

Недостаток на критичко размислување
Извештајот идентификува широко распространето самозадоволство во војската во врска со намерите на Хамас и како да се справат со заканата. „Никогаш немало сериозна дискусија за прашањето: Што ако грешиме?“, стои во извештајот.

Со текот на времето, се разви „значаен и континуиран јаз помеѓу разузнавачките проценки за Хамас и реалноста“. Извештајот, исто така, укажува дека има „намалување на длабочината на разбирањето на светогледот на непријателот, вклучувајќи ја културата, религијата, јазикот и историјата“.

Ова е причината зошто се повикува на длабоки реформи во военото разузнавање за да се поттикне „интелектуална отвореност, скептицизам, слушање, учење, дебата и конструктивно несогласување“.

Доцнење со подигање на нивото на тревога
Во извештајот се вели дека желбата да се заштитат вредните разузнавачки извори придонела за неуспехот на војската да го подигне нивото на тревога непосредно пред 7 октомври. Исто така, признава дека дивизијата на ИДФ задолжена за Газа „беше практично поразена неколку часа“ на 7 октомври, што значително ја наруши нејзината способност да разбере што се случува и соодветно да одговори.

Израелските воздухопловни сили реагираа брзо, но имаа „значителни тешкотии да разликуваат војници на ИДФ, цивили и терористи“. Извештајот, исто така, открива дека во некои случаи ранетите војници биле евакуирани пред цивилите.

Одговорност на военото раководство
По презентирањето на наодите пред командантите во понеделникот, началникот на Генералштабот на ИДФ во заминување, генерал-полковник Херзи Халеви, ја презеде целосната одговорност за неуспесите.

„Јас ја преземам одговорноста. Моја е. Јас бев командант на армијата на 7 октомври и имам своја, но и ваша одговорност. Сметам дека и таа е моја. И во секоја наредба што тргна наопаку, јас имам свој дел”, рече тој во видео пораката.

Минатиот месец Халеви ја објави својата оставка поради неуспехот да ги спречи нападите и повика на формирање на истражна комисија, која ќе спроведе поширока анализа и ќе помогне да се спречат нови напади.

Нетанјаху одбива да ја преземе одговорноста за неуспесите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не призна никаква одговорност за неуспесите на 7 октомври, рече дека државната истрага треба да почека до крајот на војната. Неговите критичари го обвинуваат дека одбива да признае каква било лична одговорност.

Можете да прочитате

Русија назначи нов амбасадор во САД по разговорите во Истанбул

Зеленски пристигна во Белата куќа на средба со Трамп

Дедо со нож уби двајца свои состанари во старечки дом во Белгија