Утрински Весник
Македонија

Професорите Зоран Матевски, Трајче Серафимовски и Даниела Николова: Концепцијата за гимназиско образование мора да се повлече

20250226101140 Big 730x400 94.webp.webp

Концепцијата за гимназиско образование мора да се повлече, никаде во светот не се укинуваат филозофски предмети. Во концепцијата не само што недостасуваат социјалните вештини, туку, исто така отсуствува и транспарентноста. Во неа, не може да се видат ниту експертите кои ја имаат подготвено. Доколку не се промени ќе има длабоки последици врз образовниот процес. Ова синоќа го потенцираа експертите на јавната трибина „Гимназиско образование – предизвици и перспективи“ во организација на Прогрес Институт за социјална демократија.

На експертската дебата, проф. д-р Зоран Матевски од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје, гимназискиот професор и доктор по филозофски науки, Трајче Серафимовски и пратеничката во македонското Собрание, проф. Даниела Николова ја анализираа предложената реформа за гимназиско образование без политизирање. Модераторка беше м-р Иванна Хаџиевска, докторанд по социологија.


Проф. д-р Зоран Матевски, истакна дека во предложената концепција недостасуваат социјалните вештини и го нема социјалното суштинско значење кое обезбедува кохезија помеѓу учениците, наставниците и менаџментот во образовните институции.

„Во новата концепција се маргинализираат одредени социолошки, педагошки перспективи. Не ми се допаѓа што експертите се скриени, на пример за разлика од концепцијата за основно образование кадешто експертите ги знаевме, беа доблесни да излезат на дебата во медиумите. Сега тоа го немаме. На содржината и фали едно повисоко научно ниво. Социјалните вештини недостасуваат во самата програма. Социологијата е начин на живот и затоа, за да создадеме поправеден и поинклузивен свет за генерациите коишто доаѓаат нас ни треба таа социолошка перспектива во новата концепција за гимназиско образование“, рече Матевски.

Проф. д-р Трајче Серафимовски посочи дека концепцијата мора да се повлече.

„Јавната дебата мора да биде проникната со сите заинтересирани страни, не може да се прави во тесен круг на луѓе. Етичноста на концепцијата ќе се постигне кога ќе излезе во јавност, кога ќе ја повика фелата да се изјасни што има да каже. Математиката е оперирање со знаци, математиката не е етичко мислење. Позицијата на филофоската група на предмети е неприкосновена. Никаде во светот држава која се дефинира себеси за цивилизирана и којашто гради образовно-воспитен процес, никаде во светот го нема тој момент на укинување на филозофски група на предмети“, изјави Серафимовски.

Пратеничката проф. Николова порача дека предложената концепција е неиздржана која ќе произведе лошо гимназиско образование.

„Не постои земја во регионот, во Европа, а можеби и пошироко кадешто во гимназија филозофија не е задолжителен предмет. Ова е еден голем преседан. Етика и логика досега беа изборни предмети, моето лично убедување беше дека дури некој ќе се сети и ќе има потреба етиката од оној дел на изборни предмети да се префрли во делот на задолжителни предмети, имајќи ги предвид сите случувања, со добро однесување, но и булинг во училиштата итн. Не знам како нашите деца ќе ја развиваат критичката мисла ако ја немаат филозофијата, ако немаат логика, ако немаат етика. Не знам како ќе станат одговорни граѓани, како ќе го унапредуваат и заедничкото живеење, бидејќи индивидуалното треба секогаш да е проследено и со колективното. Во интерес на доброто и иднината на нашите деца оваа концепција треба и те како да претрпи промени, да биде повлечена“, посочи Николова.

Можете да прочитате

Судијката Алексовска-Стојановска донела законска пресуда и не била пристрасна во предметот против Васил Јаванов, утврди Судскиот совет

Познато е кога ќе почне исплатата на пензиите во Македонија

Кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување” против еден градоначалник