
ВМРО-ДПМНЕ, со своето огромно парламентарно мнозинство, има можност да спроведе реформи што ќе ја вратат довербата во правосудниот систем. Наместо тоа, партијата избира половични решенија со кои покажува дека нејзината главна цел е поставување партиски кадри на клучни позиции, а не вистинско подобрување на судството, изјави заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Таа потенцира дека иницијативата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој беше избран пред една година од мнозинството на СДСМ и ДУИ, е пример за политички притисок врз независните институции. Иако и СДСМ не е задоволен од работата на обвинителството, Каранфилова-Пановска нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ не се обидува да направи суштински реформи, туку преку упад во правосудниот систем сака да воспостави целосна партиска контрола врз него.
„Граѓаните имаат недоверба во судството, а ВМРО-ДПМНЕ наместо да работи на системски реформи, прави насилни кадровски смени за да постави свои луѓе. Ова не е реформа, туку чиста партизација“, вели Каранфилова-Пановска.
Таа потсетува дека реформите во правосудството се јасно дефинирани во националната стратегија 2024-2028 и во европската Реформска агенда, која е дел од Планот за раст и треба да донесе над 700 милиони евра за државата. Наместо да ги следи овие препораки, ВМРО-ДПМНЕ избира „ад-хок“ пристап, со кој прави политичка дестабилизација на правосудниот систем и создава дополнителна недоверба кај граѓаните.
„Ако вистински сакаат реформи, зошто не го променат Законот за Судски совет, како што препорачува Европската Унија, туку првин вршат политички притисоци и разрешувања?“, прашува Каранфилова-Пановска, посочувајќи дека ваквото однесување само дополнително го загрозува европскиот пат на земјата.