Утрински Весник
Македонија

Интервју со Муртезани: Процесот на уставни измени е предизвик кој бара широка политичка поддршка и конструктивен дијалог

Foto Orhan Murtezani.jpg

По неколку месеци мандат на новата Влада, легитимно се поставува прашањето до каде е Македонија со евроинтегративниот процес, дали по месеци игнорирање, владејачкото мнозинство ќе тргне во патот на уставните измени, но и што можат граѓаните да очекуваат од ЕУ во период на компликувани геополитички односи.

За овие, но и други актуелни теми, на прашања на 24инфо.мк одговара министерот за европски прашања Орхан Муртезани.


Господине Муртезани, веќе неколку месеци сте на функцијата министер за европски прашања, како ја оценувате вашата досегашна работа?

Од самиот почеток на мандатот, мојот фокус е насочен кон обезбедување динамичен и ефикасен пристап во процесот на европската интеграција, преку спроведување на суштински реформи и ефикасно искористување на достапните европски фондови и механизми.

Во овој период, постигнавме значаен напредок со усвојувањето на Реформската агенда (2024-2027), која поставува основа за структурни промени во управувањето, владеењето на правото, економскиот развој и енергетската транзиција. Планот за раст за Западен Балкан овозможува пристап до 750 милиони евра преку грантови и поволни кредити, а воспоставивме и национален механизам за негова имплементација, со што обезбедуваме координиран пристап во усогласувањето со европските приоритети.

Интензивната дипломатска активност резултираше со продуктивни средби со новото раководство на ЕУ, вклучително и со еврокомесарката за проширување Марта Кос со која имав средба неодамна во Брисел, како и учество на неформалниот Совет за општи работи во Варшава во рамки на тековното Полско претседавање со Советот на ЕУ и многу други важни состаноци во главните градови на земјите-членки.

Остануваат предизвици, но со јасна визија, силна посветеност и континуирана работа, уверен сум дека ќе има напредок. Секако, пред нас стојат значајни предизвици, но клучно е што имаме јасна цел: полноправно членство во Европската Унија. Верувам дека со одговорен и проактивен пристап, резултатите ќе бидат уште повидливи во следниот период.

Европските интеграции се во статус кво ситуација поради преговарачката рамка и условите во неа. До каде е процесот на носење на уставните измени, а со тоа и продолжување на пристапниот процес?

Еврооинтегративниот процес се одвива на повеќе нивоа и не е ограничен само на уставните измени, иако тие претставуваат клучен елемент за продолжување на пристапниот процес. Паралелно со напорите за изнаоѓање решение за уставните измени, Владата активно работи на реформите предвидени во Реформската агенда и на исполнување на обврските од Планот за раст, што носи конкретни економски придобивки за граѓаните.

Што се однесува до уставните измени, останува јасно дека ова прашање е од национален интерес и поврзано со нашиот европски пат. Ние остануваме посветени на дијалогот со сите политички фактори во земјата за наоѓање конструктивно решение кое ќе ја осигура нашата европска иднина, но истовремено ќе ги заштити државните и националните интереси.
Во контактите со нашите европски партнери, истакнуваме дека Северна Македонија е посветена на европските вредности и процеси. Сметаме дека во соработка со сите чинители, ќе најдеме начин за успешно продолжување на евроинтегративниот процес.

Дали се уште сте на ставот дека во Собранието можат да се обезбедат 80 гласа за уставни измени?

Процесот на уставни измени е предизвик кој бара широка политичка поддршка и конструктивен дијалог. Како Влада, остануваме посветени на пронаоѓање решение низ институционален и демократски процес, за да може да се постигне консензус за клучниот приоритет на земјата.

Се надевам дека сите политички субјекти ќе покажат одговорност и ќе ги стават државните интереси над партиските. Северна Македонија нема алтернатива освен Европската Унија и затоа сметам дека треба да се покаже зрелост и да се постигне решение што ќе овозможи напредок.

Како се одвива соработката со ЕУ и што Македонија може да очекува од Унијата во следниот период, особено на полето на економска и структурна поддршка?

Соработката со Европската Унија продолжува да биде динамична и насочена кон спроведување на конкретни реформи и проекти што ќе ја забрзаат европската интеграција на Северна Македонија. Европската комисија и земјите-членки континуирано ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините реформски напори, особено преку економска, структурна и техничка помош.

Во следниот период, фокусот ќе биде на искористување на средствата од Планот за раст и ИПА III фондовите, што ќе овозможи финансиска поддршка за структурни реформи, економски развој, дигитализација и зелена транзиција. Очекуваме дека со доследно спроведување на реформите, земјата ќе биде подготвена да напредува во пристапниот процес, а граѓаните ќе ги почувствуваат директните придобивки од европските фондови и програми.

Деновиве се отвори тема за учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан. Кој е вашиот став по ова прашање?

Од самиот почеток, јасно ставивме до знаење дека иницијативата Отворен Балкан не е приоритет за ВЛЕН како коалициски партнер во оваа Влада, ниту пак претставува стратешки интерес за Северна Македонија. Овој проект не беше донесен од нас, туку го затекнавме како наследство од претходната влада, со бројни отворени прашања во однос на неговата суштинска вредност и вистинските придобивки за граѓаните. Наместо тоа, нашата цел е фокусирање на Берлинскиот процес како единствена рамка за регионална соработка која е усогласена со европските стандарди и перспективи. Веруваме дека европската интеграција и продлабочената соработка со ЕУ и нејзините механизми се единствениот вистински пат за економски развој и стабилност на регионот.

Како ја оценувате соработката со другите министри и вашите односи во владината коалиција со другите коалициски партнери?

Соработката во рамките на Владата е конструктивна и насочена кон остварување на заедничките стратешки приоритети, особено на полето на европските интеграции.

Како Влада, ја делиме истата визија, напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, економскиот развој и унапредувањето на институционалните капацитети. Постојат различни гледишта по одредени прашања, што е природно во секоја коалиција, но она што е најважно е дека сите сме посветени на заедничките цели и на реформските процеси.
Во овој критичен период за европската иднина на земјата, сите чинители треба да покажат одговорност и посветеност, со цел заедно да ги постигнеме најдобрите резултати за граѓаните.

Кои се вашите планирани активности во следниот период?

Во следниот период ќе продолжиме со интензивна дипломатска активност, вклучително и со средби со европските партнери за унапредување на пристапниот процес. Ќе се фокусираме на спроведување на Реформската агенда и Планот за раст, како и на обезбедување ефикасна имплементација на европските фондови и проекти. Особено значајно е што Северна Македонија ќе биде домаќин на регионалниот Самит за Планот за раст во март годинава, што ќе ни овозможи да ја потврдиме нашата улога како активен партнер во евроинтегративниот процес. Дополнително, ќе продолжиме со подготовките за наредните чекори во преговорите, со цел нашата земја да остане во чекор со останатите земји од регионот кои веќе ги отвораат преговарачките кластери.

Можете да прочитате

Заврши истрагата за злоупотребите на Клиниката за онкологија

Скандал во МВР: Четири службени лица пријавени за злоупотреба и финансиски штети!

Средба на МЕП Муртезани со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, Жолт Бунфорд