
„Добро е да се слуша опозицијата, затоа што и во нашите предлози беше замрзнување на цените и одредување на бруто маржа на производите, но мерката е задоцнета од страна на владата, требаше да реагира многу порано“, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во интервју за Сител телевизија. Тој нагласи дека ако мерките предложени од СДСМ беа применети порано, цените би биле значително пониски, а стандардот на граѓаните значително подобрен.
„За реално намалување на цените и поддршка на стандардот на граѓаните, владата треба да ги прифати нашите предлози. Ние пошироко гледаме, затоа што знаеме со што се соочувавме кога инфлацијата беше на високо ниво“, додаде Битиќи.
Пратеникот истакна дека владата требаше да оди уште порадикално со мерките. „Требаше да опфати сите категории на производи, наместо 102, тие треба да бидат 238 групи на производи кои се со повластена даночна стапка од 5%. Така ќе се постигне реално намалување на цените“, рече тој.
Мерките кои СДСМ ги предлага се значајни, а тоа вклучува намалување на ДДВ за струјата од 18% на 5% и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Според Битиќи, овие мерки ќе резултираат со значително намалување на цените, и тоа за 30% доколку се применат во комбинација со Законот за нефер трговски практики.
„Законот за намалување на ДДВ за електричната енергија директно ќе направи притисок за намалување на цената од 13%, а може и повеќе. Укинувањето на ДДВ ќе се однесува на 238 групи на производи и ќе доведе до поевтинување од 18% веднаш. Со примена на законот за нефер трговски практики и мерките кои ги предложивме, цените ќе се намалат за 30%“, истакна Битиќи.
Тој исто така го критикуваше замрзнувањето на цените, посочувајќи дека оваа мерка не може да почне од 1 февруари, како што предвидува владата, бидејќи, како што објасни, цените веќе се зголемени во јануари. „Се земаат зголемени цени, па се замрзнуваат. Требаше да се вратат наназад неколку месеци, најмалку 3 месеци, затоа што секое претпријатие работи со производи кои ги набавувало по други цени“, истакна тој.
Битиќи апелираше за брзо и ефикасно преземање на мерки, велејќи дека ако мерките на СДСМ се применат, ќе се постигне реално намалување на цените и ќе се заштити стандардот на граѓаните.