Утрински Весник
Македонија

Мајката на Фросина Кулакова се обрати до јавноста, има само една молба

6 3.jpg

Камелија Кулакова, мајката на Фросина – девојката која беше усмртена на пешачки премин на булевар „Партизански одреди“ во Скопје на Фејсбук порача дека мора да има правда за нејзината ќерка. Таа ја замолува јавноста да не прави политика од нивната семејна трагедија.

Камелија вели дека е бескрајно благодарна на сите кои искрено сочувствуваат со нејзиното семејство.


„Почитувани родители, млади луѓе – идни родители. Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено, но морам да ви се обратам.

Сето ова популаризирање на нашата семејна трагедија е дотурање на сол на нашата рана која никогаш нема да се залечи.

Јас бев горда мајка. Пораснав три златни деца. Ги воспитував и учев да бидат добри личности. Добри, чесни и доблесни луѓе. Да си ја сакаат татковината. Да си ја почитуваат културата и традицијата. Да сочувствуваат. Да споделуваат радост и тага. Секогаш да се ставаат на другата страна пред да осудат и да ги разгледуваат нештата од сите страни пред секоја своја постапка.

Тоа е многу тешка задача. Особено во ова време- невреме.

И што се случи…..

Соништата на Фросина беа и наши соништа.

И што се случи…..

Огромна празнина, неподнослива болка, траорни слики кои постојано ти поминуваат пред очите и безброј зошто, зошто, зошто, зошто баш Фросина…..

И во еден момент си помислив…. можеше да е друго дете, син, ќерка, сестра, брат, љубена, љубен, другар. Можеше друго семејство да се распаѓа од болка. А болката не познава политика. Не знае за вера, раса, нација…само едно БОЛКА.

И тогаш си реков. Морам да сум силна. Морам да сум силна за да има правда за моето чедо и сите деца чии родители, браќа, сестри не ја дочекале правдата за нив. И нема да се скршам. Ќе одам до крај. Ќе бидам мајка, татко, сестра брат….

Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила. И не само мене, на сите нас.

Заради тоа најискрено ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија. Бескрајно сум благодарна на сите кои искрено сочувствуваат со нас.

Бескрајно сум благодарна на медиумите, на новинарите кои ми помогнаа некои работи да ми станат многу повеќе јасни. Благодарам на сите политичари-ЛУЃЕ, кои застанаа на нашиот пат благодарам на народот кој не подржува, зошто, без притисокот на народот и медиумите патот на правдата немаше ни да започне.

Затоа сакам да ве прашам.

Па нели благодарноста е доблест и основно начело на секое општество, цивилизација, религија“ – напиша Камелија Кулакова на ФБ.

Можете да прочитате

Засилени сообраќајни контроли во Скопје

Пандов: Да се провери колку случаи се досудени како претходниот на Васил, сомнежот е огромен ако нема

Сиљановска-Давкова го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија