Утрински Весник
Свет

Шумските пожари во Бразил лани уништиле вкупна површина поголема од Италија

Pozhari Brazil.jpg

Шумските пожари во Бразил минатата година зафатија вкупна површина поголема од целата територија на Италија, објави денеска платформата за мониторинг МапБиомас.

Земјата продолжува да се бори со пожарите што честопати ги предизвикуваат земјоделците и сточарите кои незаконски ја прошируваат својата територија.


Приближно 30,8 милиони хектари вегетација беа изгорени во Бразил во 2024 година, што е зголемување од 79 отсто во споредба со 2023 година, објави МапБиомас.

Пожарите во Амазонија, областа со најмногу биодиверзитет во светот, предизвикуваат 58 отсто од штетите.

Бројките се обесхрабрувачки вести за владата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва, кој ќе биде домаќин на климатската конференција на ОН КОП 30 во амазонскиот град Белем во ноември.

Извештајот за 2024 година се однесува на најголема изгорена површина од 2019 година.

Околу 8,5 милиони хектари шума изгореа во 2024 година, во споредба со 2,2 милиони во 2023 година, а во Амазонија пожарите за првпат уништија повеќе шуми отколку пасишта, покажуваат податоците.

Поради климатските промени, вегетацијата станува посува и затоа е поподложна на пожари.

Лула го стави зачувувањето на Амазонија како приоритет за неговата влада, но, сепак, во септември призна дека земјата не е „100 отсто подготвена“ да се соочи со бранот шумски пожари што неговата влада ги припишува на „климатскиот тероризам“.
Бразилска Амазонија го доживеа својот најголем број пожари во последните 17 години во 2024 година, покажаа владините податоци објавени претходно овој месец.

Според податоците на Националниот институт за вселенски истражувања (ИНПЕ), сателитски снимки откриле 140.328 пожари во текот на годината.

Тоа е за 42 отсто повеќе од 98.634 пожари регистрирани во 2023 година – и најмногу од 2007 година, кога беа регистрирани 186.463 шумски пожари.

Можете да прочитате

Шолц: Убиствата што ги изврши Авганистанец во Баварија се терористички акт

Трамп: Путин да запре со „бесмислената војна“ во Украина

Автомобил удри во неколку лица во Ајндховен, двајца повредени