Изминатата 2024 година на подрачјето на општина Старо Нагоричане, изградени, реконструирани и санирани се десет патни правци, а за оваа година има поголем број планирани инфраструктурни проекти што се однесуваат на изградба на патишта, соопштија денеска надлежните од општина Старо Нагоричане.
Проектите значително ќе ја подобрат поврзаноста на селата во руралната општина од северниот дел на земјава. Инвестициите, сметаат надлежните, обезбедуваат поврзување на селата, населението, побрз пристап до регионалните патишта од североисточниот регион и го подобруваат квалитетот на животот на жителите во руралната општина.
– Успешна беше изминатата 2024-та година во однос на изградба на патишта, дел се реализирани преку сопствени средства, некои преку Министерството за транспорт и врски, преку ЈПДП, преку Светска Банка. Завршена е реконструкцијата на патот во село Бајловце, еден километар, одвоени 2, 5 милиони денари, реконструкција Жегљане-Арбанашко, преку ЈПДП, седум километри околу 50 милиони денари. Од Министерството за транспорт и врски добивме околу 18 милиони денари завршување на три патишта, втора фаза за Коинце, шест милиони денари, маалски пат Вујевци, 2, 5 милиони денари во Младо Нагоричане, во Бузнци имаме десет милиони денари за пат, Мариевци, 2, 5 милиони денари, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.
Реализиран е патот до споменикот Зебрњак донација од почесниот конзул на Република Србија, Владимир Стајиќ, два патни правци се реализирани преку Светска Банка, кон Стрновац и кон Трендајловци околу десет милиони денари.
– Имаме реализирано два капитални проекти за водоснабдување маала Татариновац во Алгуња околу 18 милиони денари, средствата се преку Бирото за рамномерен регионален развој и околу два милиони денари се обезбедени за довршување на регионалниот водовод во Младо Нагоричане, изјави Цветановски.
Завршен е кејот на реката Пчиња кај Драгоманце во вредност од 2, 5 милиони денари, поставени се реквизити за детско игралиште и соодветна урбана опрема. Преку регионот се обезбедени шест милиони денари за објект во близината на црквата „Свети Ѓорѓи“ за потребите на туристите и за две канцеларии за општината.
– Од Владата обезбедени се два проекти, над 9, 4 милиони денари за патиштата од Челопек до манастирот Забел околу 70 метри и уште маалски пат, завршена е тендерската постапка, избрани се фирмите, чекаме на подобро време и веднаш стартуваме со изградба, додава Цветановски.
Општината набавила 20 контејнери за потребите на различните маала и населени места. Претпријатието е единствено во таа општина кое стопанисува со водовод, осветлување, изнесување и депонирање на смет.
Според податоците од последниот попис во Старо Нагоричане има 3.051 жител во 39 населени места. Општината, сместена во североисточниот дел од земјава, иако мала по број на жители е една од најпривлечните за странските туристи, бидејќи светски е позната по археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири, природни реткости и раритети.