Утрински Весник
Скопје

Шуто Оризари „се дави“ во ѓубре, до Комунална хигиена велат редовно го собираме

Daniel 422778.jpg

Алирам Бислими од Шуто Оризари мора да заобиколи куп ѓубре од сред пат за да може да си влезе или излезе од дома. Тој вели дека отпадот два месеца не се собира, контејнерите биле преполни, па граѓаните фрлале каде што има место.

„Ова е веќе два месеца и не се трпи. И не само овде, сегде е. Јас морам да кружам за да си влезам внатре. А имаме 3-4 мали деца тука, може да се разболат. Од Град Скопје не преземаат ништо. Не ги интересира за нас овде. Донесоа 3-4 канти тука и ги нема сега. Плус, кај во 3-4 канти, треба редовно да се собира ѓубрето. Не заборавиле нас“ – изјави Алирам Бислими.


Друг граѓанин, пак, стравува од зараза.

„Ако сакаат да се заразиме ние, да ќе се заразиме како граѓани на Шуто Оризари, ама живееме во соседство. И со Албанци и со Македонци. Луѓе сме. Во автобус се качуваме заедно. Ова е катастрофа, ова е невидена катастрофа што се случува во Шуто Оризари со овие депонии“ – кажа граѓанинот.

Градоначалникот Дудуш тврди дека Комунална хигиена не го собира ѓубрето откако граѓаните протестираа пред бараките на Град Скопје поради лошиот јавен превоз.

„Се врши реваншизам врз цело население на нашата општина. Не се подига сметот од домаќинства. Се остава граѓаните сами да се снајдат“ – изјави Курто Дудуш, Градоначалник на Шуто Оризари.

Дудуш ги организирал општинските служби да го изнесат отпадот од улиците и да го однесат на негово земјиште.

„Сега се складира отпадот таму кај мене, во мојата парцела, меѓутоа и за тоа бевме спречени од инспектори за животна средина од Градот Скопје. Ни се заканија, ни пуштија и казни во износ од 53 илјади евра затоа што го складирам во моја парцела“ – додаде Курто Дудуш, Градоначалник на Шуто Оризари.

Од Комунална хигиена демантираат:

„КХС секојдневно и редовно го собира сметот на микро локациите определени со пропис во општината. Спротивно на законите, Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш противправно има поставено свои отпадни садови кои е должен сам да ги собира. Откако е фатен со општински возила како нелегално ѓубрето го фрла на дива депонија формирана на приватен плац сопственост токму на Курто Дудуш, покрената му е постапка за кривична одговорност.“

Шуто Оризари брои околу 26 илјади луѓе.

Можете да прочитате

Без струја дел од корисниците во Карпош и Кисела Вода

Дел од општина Бутел денес без вода

Најавено е исклучување: Делови од една улица и еден булевар во Скопје утре без струја