Утрински Весник
Македонија

Изјавата на Костадинов за припојување на Македонија кон Бугарија е недолична и злонамерна, реагира МНР

Mnrint.webp.webp

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија соопшти дека „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук, со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.

-Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи, наведува МНРиНТ во реакцијата.


Министерството ја оцени како „недолична и непримерена“ изјавата на бугарскиот политичар и очекува да биде отфрлена од официјална Софија.

-Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Можете да прочитате

Ученици од Скопје и Крива Паланка на  церемонијата на менување на државното знаме во претседателскиот кабинет

СВР Штип апелира до граѓаните да не бидат мета на измами за лажни операции на нивни блиски

Кога еко-активизмот станува блокада за развојот?