Најмалку две лица загинаа а голем број се тешко повредени во шумските пожари кои беснеат низ областа на Лос Анџелес, соопштија пожарникарите во средата, додавајќи дека илјадници луѓе мора да бидат евакуирани.
„За жал, имаме двајца загинати цивили, за што причината засега е непозната, а имаме многу сериозни повреди“, изјави за новинарите шефот на пожарникарите во Лос Анџелес, Ентони Мароне.
Додаде дека околу илјада домови се уништени во населбата Пацифик Палисадес меѓу крајбрежните градови Санта Моника и Малибу. Тоа е област во која живеат многу филмски и музички ѕвезди.
„Имаме повеќе од 2.000 хектари што изгореа, а пожарот е сѐ посилен“, рече Мароне, проценувајќи го бројот на уништените згради на „илјада“.
Мароне нагласи дека моментално нема доволно пожарникари во округот Лос Анџелес за да се борат со неколку истовремени големи пожари, објави Reuters.
Пред да избие пожарот, Националната метеоролошка служба го издаде своето највисоко предупредување за екстремни услови за пожар во поголемиот дел од округот Лос Анџелес од вторник до четврток.
Поради малата влажност и сувата вегетација поради недостигот од врнежи, условите беа идеални за ширење на пожарот.
Топлите ветрови, типични за зимата во Калифорнија, во средата би можеле да бидат со налети и до 160 километри на час, соопшти метеоролошката служба. Ова може дополнително да ги разгори пожарите и да биде фатално.