Кина достави информации и документи за заедничката истрага на двата оштетени подводни кабли во Балтичкото Море и ги повика Германија, Шведска, Финска и Данска да учествуваат во истрагата, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина. Портпаролката на министерството, Мао Нинг, изјави на прес-конференција дека Кина ги информирала сите засегнати страни и е подготвена да соработува.
Истрагата беше иницирана откако во ноември беа прекинати два оптички кабли — еден меѓу Финска и Германија, а друг меѓу Шведска и Литванија. Оштетувањето предизвика сомневања за саботажа и загриженост за безбедноста на критичната инфраструктура.
Шведската крајбрежна стража соопшти дека кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ по повеќе од еден месец мирување во дански води повторно е во движење.
Минатата недела, Кина дозволи претставници од Германија, Шведска, Финска и Данска да извршат инспекција на бродот. „За да соработуваме со истрагата, бродот беше задржан подолг период.
Поради здравјето на екипажот, сопственикот одлучи да го продолжи патувањето по консултации со засегнатите страни“, изјави Мао.
Се верува дека кинескиот брод „Ји Пенг 3“ бил во таа област во времето кога биле пресечени каблите. Пекинг негираше дека е вмешан во саботажите и изрази подготвеност да соработува со Шведска и други земји.
Бродот го напуштил руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември и два дена подоцна бил пресечен кабел меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд.
На 18 ноември бил пресечен и кабел што оди од Хелсинки до Росток. Податоци од сајтови кои следат бродови покажуваат дека „Ји Пенг 3“ пловел преку каблите во времето кога биле пресечени.
„Вол стрит џурнал“ објави дека истражителите се сомневаат дека бродот намерно ги оштетил каблите така што го фрлил и влечел сидрото по морското дно повеќе од 160 километри.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела кажа дека никој не верува дека каблите биле пресечени случајно.