Министерот и заменик министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани и Ѓоко Велковски денеска го презентираа Буџетот на миниситерството за 2025 година. Во продолжение обраќањето на министрите:
Почитувани,
Основниот Буџет на Министерството за социјална политика, демографија и млади за 2025 година изнесува 68.15 милијарди денари и е за 3.9 милијарди денари поголем од буџетот за 2024 година, односно за 6%.
Најголем дел од средствата се наменети за непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување и зголемување на пензиите како и социјална и детска заштита.
Како Влада и ресорно министерство се обврзавме да се грижиме за најранливите категории на граѓани- пензионерите, граѓаните во социјален ризик, лицата со попреченост и децата.
Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување обезбедивме линеарно покачување на пензиите за 5000 денари. Со септемвриската пензија околу 342.000 пензионери добија за 2500 денари повисоки пензии.
Ако зборуваме низ бројки со Буџетот за 2025 година предвидени се 47.8 милијарди денари за исплата на пензии. И претставува зголемување за 8 милијарди денари во споредба со 2024 година.
Ова значи сериозен пристап и одговорност.
Планираме и обезбедуваме непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување, без ризик за исполнување
Затоа што, нашите највозрасни граѓани пензионери го заслужуваат тоа.
Тие ја градеа нашата држава, и наша обврска е вистински да се грижиме за нив. Но, тука нема да застанеме. Во текот на следната година, ќе направиме анализи и ќе го изнајдеме најодржливото решение за понатамошна грижа за нашите пензионери.
Се грижиме и за граѓаните кои се во социјален ризик. Со буџетот за 2025 година, обезбедивме 14.5 милијарди денари за исплата на правата од социјална и детска заштита, борци и воени инвалиди, бегалци и азиланти.
Со Буџетот за 2025 година за правата за социјална и детска заштита обезбедивме близу 100 милиони денари повеќе во однос на буџетот за 2024 година за зголемување на износот на одделни права со порастот на трошоците за живот.
Покрај обезбедувањето на средства за непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување, социјална и детска заштита, вложуваме и во инфраструктура – за изградба и опремување на објекти од детска и социјална заштита.