Утрински Весник
Македонија

Шест скијачи се загубиле на Попова Шапка поради маглата, во спроведена акција успешно се спасени

Popova Shapka Panoramic View.jpg

Шест лица кои се изгубиле на Попова Шапка, поради густата магла и новиот снег, беа пронајдени и успешно евакуирани благодарение на брзата реакција на службите за итни случаи.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), вчера преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, била добиена пријава дека група скијачи не можеле да се ориентираат по патеката. Проблемот настанал кога, по качувањето со скии-лифт на горните патеки, во моментот кога се обиделе да се спуштат, паднала густа магла, а снежната покривка не била изгазена од други скијачи, што им ја отежало ориентацијата.


„Скијачите веднаш се јавиле за помош на бројот 112, по што биле известени СВР Тетово и раководителот на РЦУК Тетово“, велат од ЦУК.

Првиот успех во потрагата се постигнал кога вработениот на ски-лифтот успеал да ги пронајде петте од изгубените лица, а во 16:15 часот било пронајдено и шестото лице. Прво, сите биле згрижени во полициската станица на Попова Шапка, а потоа безбедно се вратиле во своите домови.

Од ЦУК упатуваат апел до сите посетители на зимските туристички центри да бидат внимателни и да се информираат за условите пред да се упатат на патеките.

Можете да прочитате

Досега регистрирани 138 шумски пожари, до крајот на јули штетата изнесува четири милиони евра

Ангелов: Повеќе од 60 луѓе го гасат пожарот кај с. Белица во М. Брод, куќите нема да бидат загрозени

Еден загинат и тројца повредени е епилогот од вчерашната сообраќајка кај Стража