Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, утрово се одржа прес-конференција посветена на предлог-измените на Законот за надворешни работи, кој ќе се носи транспарентно и во редовна постапка, со целосна вклученост на јавноста и сите засегнати страни. На прес-конференцијата говореше министерот Тимчо Муцунски.
Во обраќањето пред медиумите, тој истакна дека со овие предлог-законски измени се создава законска основа за реализација на два важни приоритети на Министерството и Владата. Првиот приоритет е професионализацијата на дипломатската служба и подобрување на работењето и функционирањето на целокупниот државен систем вклучен во дипломатските процеси. Вториот приоритет е преземањето на надлежностите во делот на надворешната трговија и инвестициите, обврска која произлезе од измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој Министерството за надворешни работи стана Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Една од измените поврзани со дипломатијата е новото законско решение кое предвидува зголемување на процентот на именуваните амбасадори кои ќе бидат од редот на професионалните дипломати од Министерството.
„Наместо актуелниот процент од една третина, во иднина се предвидува зголемување на најмалку една половина од редот на професионалните кадри. Оваа предлог-законска измена е резултат на направени компаративни анализи со законодавството на неколку земји од ЕУ и регионот и широк консултативен процес, во кој беа вклучени повеќе експерти од областа, како и поранешни и актуелни дипломати.
Согласно тоа, одредбата која овозможуваше именување лица за амбасадори надвор од Министерството, кои со своето општествено, културно или научно делување оставиле трага во нашето општество, претрпува корекција. Измените предвидуваат од оваа група да доаѓаат најмногу една половина од амбасадорите кои ќе бидат именувани во иднина, наместо две третини како што тоа беше досега”, истакна министерот Муцунски.
Дополнително, со предлог-измените на законот се предвидува мандатот на упатените дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва да биде до четири години, наместо досегашните три години.
„Враќањето на четиригодишниот мандат е резултат на честата ротација и краткиот временски период за прилагодување во земјите на приемот, што предизвикуваше потешкотии во функционирањето и создавање на непотребни трошоци за министерството и државниот буџет, кои со ова решение ќе бидат намалени. Оваа должина на мандатот се практикува во повеќето европски дипломатии”, додаде министерот.
Новото законско решение предвидува минимална корекција на коефициентите за плата и трошоците за живот на дипломатите во странство. Измената е поттикната од долгогодишната стагнација на платите и предвидените кирии за дипломатите, што предизвикуваше големи потешкотии во нормалното функционирање на нашите ДКП-а.
Со предложените измени е опфатена и ситуацијата која во изминатиот период предизвика полемики околу спроведувањето на процесот на именување амбасадори и улогата на Собранието во тој процес.
„Тогаш бевме сведоци кога законот во повеќе наврати беше прекршуван, при што спротивно на него беа упатени повеќе амбасадори. Измените на законот го допрецизираат законското решение во делот на учеството на Собранието. Во иднина, по усвојување на овој закон, ќе се отфрли можноста претседателот на државата да го потпише указот без да биде испочитувана соодветната процедура во Собранието”, информираше министерот.
Измените и дополнувањата на законот овозможуваат и министерот, врз основа на препорака на Владата, да назначи специјален претставник за посебни потреби и од интерес на државата, потреба која досега не беше регулирана со актуелните законски решенија.
Предложените измени на Законот за надворешни работи предвидуваат и измени во делот на инвестициите и надворешната трговија, што произлегуваат од потребата за усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Овие промени налагаа прилагодување на актуелниот Закон за надворешни работи, со што ќе се овозможи МНРиНТ да ги преземе новите надлежности во делот на креирањето политики за трговија и инвестиции.
Покрај преземањето на надлежностите, со новиот закон се предвидува и поедноставна транзиција за вработените кои ќе преминат од Министерството за економија и труд во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Дополнително, имајќи предвид дека досега со ниеден друг постоечки закон не беше детално регулирано институционалното делување во делот на надворешната трговија и инвестиции, со овие измени се постигнува и таа цел. Во општите одредби на законот се опишуваат обврските во делот на надворешната трговија и инвестициите, а подетално се разработуваат надлежностите на владата и министерството во оваа област.