Утрински Весник
Македонија

Гаши: Интерпелацијата е демократско право, да не се игра со безбедноста во државата

Gashi Afrim.jpg

Интерпелацијата е демократско право пропишано, дозволено и предвидено со Устав, Закон и Деловник. Секој пратеник, пратеничка група може да покрене постапка за интерпелација, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во Охрид одговарајќи на новинарско прашање за интерпелацијата поднесена од ДУИ за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.

Тој потсети и на интерпелацијата поднесена за него, нагласувајќи дека дебатата е во рамките на демократијата и така треба да биде.

Во однос на барањата на СДСМ за лидерска средба поврзана со безбедносната состојба во државата, Гаши рече дека не се чувстува компетентен да одговори во својство на претседател на Собранието и оти не е лидер на политичка партија.

– Мене ми се битни пратениците, Собранието и јас се обидувам да се апстрахирам објективно и колку што можам од политичка припадност, сакам да бидам близок со сите. Ако лидерите мислат дека е тоа добро, они ќе си одлучат дали ќе има средба или не, зависи од нив. Мислам дека дијалогот е добар, треба да се среќаваме, треба да се гледаме, да разговарме. Тоа добро и за политичките партии и воопшто за политичката култура во државата, изјави Гаши.

За безбедносната состојба во државата кажа дека има служби кои можат да дадат оценка.

– Во последно време сите сме сведоци за некои обиди за вештачко кревање на тензии, според мене. Мислам дека граѓаните во нашата држава живеат добро, се согласуваат добро без разлика на нивните разни култури. Сите политички партии кои се обидуваат да прават политичка кариера од меѓуетнички тензии не им сакаат добро ниту на својот народ, ниту на својата држава, нагласи Гаши.

Упати апел да не се игра со безбедносната состојба во државата, бидејќи, според него, на опозицијата и се на располагање сите демократски алатки.

Можете да прочитате

Јавен настан „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“

Влада: Во Буџетот се обезбедени 250 евра за електронски уреди за студентите и финансиска поддршка до 30.000 евра за младите 

На Попова Шапка најстудено и најмногу снег