Утрински Весник
Македонија

Платформата за ХИВ апелира да се врати минимален буџет од 130 милиони денари за заштита на населението од оваа инфекција

20241206115229 Big 730x400 92.webp.webp

Со износот од 90 милиони денари, предвиден во предлог-буџетот за 2025 година, оваа Програма е неоправдано скратена, наместо да биде зголемена. Тој е недоволен ниту за да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти, вклучувајќи ги и новите случаи што ќе бидат дијагностицирани во текот на следната година, додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира, алармираа претставници на Платформата

Платформата за ХИВ составена од 14 граѓански организации денеска од пред Владата побара во буџетот за 2025 година да се предвиди неопходниот буџет за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекцијата. Како што посочија, потребни се 130 милиони денари од кои 109 милиони за обезбедување лекови и 21 милион за да се одржат на сегашното минимално ниво услугите за превенција.

– Со износот од 90 милиони денари, предвиден во Предлог-буџетот за 2025 година, оваа Програма е неоправдано скратена, наместо да биде зголемена. Тој е недоволен ниту за да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти, вклучувајќи ги и новите случаи што ќе бидат дијагностицирани во текот на следната година, додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира, посочија претставници на Платформата.

Во моментот, околу 130 пациенти со ХИВ или 30 отсто од пациентите примаат застарена терапија што веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во регионот поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, беше истакнато од страна на Платформата за ХИВ.

– Секој граѓанин има право на здравствена заштита. Програмите за превенција се токму тоа за околу 8.000 граѓани кои се маргинализирани, а голем дел од нив се и надвор од системот. Доколку не се обезбедат неопходните минимум средства, овие луѓе ќе останат без пристап до основна здравствена заштита, а ќе се укинат услугите за доброволно и доверливо ХИВ-тестирање – стационарни и мобилни, 13 програми за намалување на штети од употребата на дроги во 13 градови, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од рурални средини и маргинализирани заедници и други, беше наведено пред Владата.

Според Платформата, државата успешно има спречено епидемија на ХИВ кај лицата кои употребуваат дрога и тоа треба да се одржи.

– Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив, само 12 се лица кои инјектирале дроги. Во последните 10 години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување на штети евидентиран е само еден нов случај на ХИВ преку инјектирање на дроги. Токму поради овие програми, Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето кои инјектираат дроги, изјави Влатко Деков од Здружението „Хопс“.

Можете да прочитате

Влада: Во Буџетот се обезбедени 250 евра за електронски уреди за студентите и финансиска поддршка до 30.000 евра за младите 

На Попова Шапка најстудено и најмногу снег

Работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија