Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување на „360 степени“ на МРТ1 истакна дека етаблирањето на новото раководство е само првиот чекор во обновата на партијата и враќањето на довербата меѓу граѓаните. Следуваат нови предизвици, меѓу кои финализирање на програмата за следните изборни циклуси, работа на терен и проширување на партиската платформа преку сојузништва со други политички и граѓански субјекти.
„За луѓето да ја вратат довербата е потребно време. Етаблирањето на раководството беше првиот чекор и тоа го завршивме. И сега одиме со следните чекори, детализирање на нашата програма за следните изборни циклуси, понатаму, работа на терен со луѓето и ширење на платформата кон други политички субјекти и граѓански организации коишто се наши природни сојузници“, рече Филипче.
Тој нагласи дека неодамнешните конгреси на СДСМ беа едни од најуспешните во историјата на партијата, со огромна посетеност и ентузијазам од делегатите.
„Би рекол дека имавме одлични конгреси, имаше одлична посетеност каква што не памтам од кога. Близу 90 проценти од делегантите беа присутни на конгресот со огромна енергија и ентузијазам“, истакна тој.
Филипче објасни дека дискусиите на конгресот биле насочени кон научените лекции и нивната имплементација во новиот пристап на партијата.
„Јас ја презентирав предлог програмата која што е платформа на која што ќе се надградува идната социјалдемократска програма, од страна на раководството, од страна на стручните комисии. На дискусијата која што ја отворивме во однос на тој извештај сите дискутираа за научените лекции и тоа како да продолжиме понатаму“, додаде претседателот на СДСМ.
Претседателот на партијата изрази задоволство што членството го препознава новиот пристап, кој вклучува инклузивност и отвореност кон сите членови и поддржувачи.
„Драго ми е што луѓето беа задоволни што еден дел од научените лекции веќе се имплементираат во мојот начин на комуникација со членството. Слушаме гласот на секој еден член, секој предлог, секоја сугестија, секоја критика е инкорпорирана во градењето на политики“, изјави Филипче.