Утрински Весник
Македонија

Конвој од 30 возила заглавени на патот од Леуново кон Бунец

Leu 1.jpg

Конвој од околу 30 возила, меѓу кои има и деца и трудници, веќе неколку часа безуспешно се обидува да се пробие од мавровското село Леуново кон регионалниот пат Дебар-Скопје преку одморалиштето Бунец. Според извештаите на граѓаните, возилата тргнале утринава, по ноќ помината во Леуново и Никифорово, каде останале да го чекаат расчистувањето на патот од страна на надлежните служби. Сепак, по повеќе часа патување, конвојот се движи бавно и често застанува, со возилата заглавени во длабок снег објави пари.мк.

„И џиповите имаат проблеми со снегот. Секојдневното застанување и рачното вадење на возилата од снежните навеви веќе нè исцрпува“, вели една жителка на Скопје, која со сопругот и двете мали деца го поминала викендот во Леуново. „Јавувавме на сите надлежни служби, но до сега никој не пристигна да ни помогне“, додава таа.

ЦУК: Ситуацијата е критична, се работи на расчистување

Центарот за управување со кризи (ЦУК) доцна синоќа соопшти дека повеќе патни правци во регионот се непроодни поради обилните снежни врнежи. Патниот правец до Хотел Радика, исто така, е заглавен, со голем број гости кои не можат да го напуштат хотелот. Според податоците, висината на снежната покривка е околу 80 сантиметри, а паднатите дрвја дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта, во соработка со МВР, работи на расчистување на патот. Според последните информации, машините се на терен, а колоната возила зад нив се движи бавно, но стабилно, и досега стигнала до Бунец.

Граѓаните загрижени и заморени

„Останавме во селото со надеж дека утрово патот ќе биде прооден, но состојбата е иста. Снегот замрзна преку ноќ, што ја отежнува нашата ситуација. Сега, сите возила се туркаат рачно за да продолжиме понатаму“, вели соговорничка за pari.com.mk.

Иако надлежните служби ветуваат дека ќе успеат да го расчистат патот, граѓаните остануваат загрижени за нивната безбедност, особено поради ниските температури и ограничените ресурси.

Апел за итна интервенција

Граѓаните апелираат до надлежните служби за забрзано расчистување на патот, со цел безбедно враќање на сите заглавени лица.

Можете да прочитате

Од утре ќе се бојкотира наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“

Перински: Без млади, нема иднина, ни за локалната самоуправа, ни за државата

Првиот човек на ФЗО поднел кривични пријави против шест директори на здравствени установи