– По барањето на ДУИ за итна оставка и интерпелација на министерот за внатрешни работи поради полициската интервенција за време на прославите на Денот на албанското знаме, обвинувајќи го министерството за селективен и пристрасен пристап кон граѓаните, министерот Тошковски изјави дека нивното барање е легитимно, но ги обвини за манипулации и лаги.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, го оцени барањето како нелогично и збунувачко.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција изјави дека е легитимно Демократската унија за интеграција (ДУИ) да бара оставка од член на владата, но ги обвини за манипулации и лаги.
-Добро е да се одговори на јавноста со одговори кои што се вистинити и ќе бидат во насока на реалноста и вистината. Се срамам од тоа што во Македонија имаме опозиција на ниво на сегашното ДУИ и СДСМ. Легитимно е тие да бараат оставка од одреден член на владата, но, срамно е со манипулации и лаги да се обидуваат да свртат вистината, знае народот што се случува, рече Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски во врска со ова прашање рече дека е работа на опозицијата да поднесува интерпелација, но оти не гледа логика во тоа нивно барање.
-Јас апсолутно не гледам логика во тоа нивно барање бидејќи еден дел од опозицијата вели не постапувале, друг дел вика премногу жестоко постапувале. Навистина пораките од коалициската опозиција ДУИ- Левица- СДСМ се малце збунувачки. Понекогаш и се чудам кој ги пишува тие пораки. Да не некој им сместува ваков тип на пораки, рече Мицкоски.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итна оставка од Министерот за внатрешни работи поради полициската интервенција за време на прославите на Денот на албанското знаме. Според ДУИ, интервенцијата предизвикала тензии и инциденти кои ја нарушиле меѓуетничката хармонија. Дополнително, ДУИ го обвини Министерството за селективен и пристрасен пристап кон граѓаните, што ја поткопува довербата во институциите и ги продлабочува поделбите во општеството.