Утрински Весник
Скопје

Нафтата е доставена до ЈСП се очекува утре да има нормален возен ред

Jsp.webp.webp

Нафтата од државните резерви е на пат кон базните станици на Јавното сообраќајно претпријатие и се очекува утре изутрина да има нормализиран автобускиот превоз во Скопје, најави пред вонредната седница на Советот на Градот Скопје советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски.

– Според нашите информации, моментално се доставува нафтата до базите во Автокоманда и Ѓорче Петров, рече Стојановски. Ако вечерва нафтата стигне, а според нашите информации веќе се доставува, значи од утре треба да има нормален автобуски превоз.

Стојановски оцени дека денеска Владата направила одличен потег со тоа што активирала дел од државните стокови резерви за гориво за потребите на градот Скопје со тоа што се решава проблемот со автобускиот превоз на краток рок односно за седум дена.

-Се што треба градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е се во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови, рече Стојановски.

Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.

За тоа дали ќе се надмине кризата со свтобускиот превоз во Скопје, вели дека тоа сепак зависи од менаџирањето на градот Скопје за понатамошните денови откако ќе поминат овие седум дена. 

-Се зависи од менаџментот. Ние како Совет сме тука само да изгласаме одлуки. Менаџирањето го носи највеќе директорот на ЈСП и градоначалничката на градот Скопје, г-ѓа Арсовска, рече тој.

Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.

-Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се’ што е позитивно за ЈСП Скопје, но и за останатите претпријатија, рече тој.

Дали ќе гласаат за набавка на новите еко автобуси, Стојановски нагласува дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласа неколку пати за овој предлог затоа што немаат информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку кој би ги платил тие автобуси.

-На прашањето кој ќе ги плати тие автобуси, кој ќе ги набави во градот Скопје и дали има средства за тоа ни беше одговорено дека има еден денар. Верувајте дека некој кога ќе ви одговори дека ќе има еден денар за автобусите секако не би го изгласале тоа, рече советникот на Град Скопје.

Можете да прочитате

Без струја делови од општините Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода

Ѓорѓиевски: Не може градоначалник да биде незаменлив, највисок суверен треба да се граѓаните без отстапувања

Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три