Во Кинотека на Северна Македонија, вечерва, под мото „Разноликоста е факт, прифакањето е чин“, по осми пат ќе се одбележи Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 Ноември.
Како што стои во соопштението на женската организација „Inner Wheel“, овогодинешната тема ја третира различната сексуална ориентација и нивното прифаќање во општеството.
На настанот ќе биде прикажан филм со сведоштво на родител на LGBT+ лице, по што ќе се одржи трибина на која ќе говорат етнологот и антрополог Инес Црвенковска Ристеска, психотерапевтките Ана Блажева, Славица Гајдазис Кнежевиќ и Радмила Живановиќ, како и Ангел Димитриевски, магистер по медиумска едукација и Љубомир Фајзов, претставник на Хелсиншки комитет за човекови права.
– Во оваа смисла, од 2016 година, нашиот Клуб со разни активности се придружи кон одбележување на Меѓународниот Ден на толеранција кој почнувајки од 1996 година е годишно одбележување на толеранцијата под покровителство на УНЕСКО, со цел генерирање на јавна свест за опасностите од нетолеранцијата.
На 16 ноември 1996 година, Генералното собрание на ОН (со резолуција 51/95) ги покани земјите-членки на ОН да го одбележуваат овој ден како Меѓународен ден на толеранцијата.
Досега „Inner Wheel“ Клуб Скопје Еуропеа има иницирано и реализирано низа средби и дијалози на актуелни и горливи теми како што се врсничкото насилство, различностите кои не прават горди, темите за инклузија на ЛГБТ + заедницата, Ромите и нивната единствена култура и традиција, женската солидарност, професии и стереотипи, подигнување на свеста за рано откривање на ракот на дојка и така натаму, стои во соопштението.