Утрински Весник
Македонија

Бесплатни тестови за рак на простатата во „Железничар“: Капка крв може да им го смени животот на мажите над 45 години

Screenshot 14 11 2024 132554 Www.facebook.com .jpeg

Секој четврток до крајот на овој месец во Здравствениот дом „Железничар“ во центарот на Скопје мажите над 45 години може да направат бесплатен ПСА-тест за откривање рак на простатата. Здравствениот дом денес се приклучи на светската кампања за подигнување на свеста за машкото здравје „Грижи се за себе“.

„Денес, тука превентивно се испитува еден протеин, ПСА, за мажите што се во ризична група за развивање карцином на простатата. Се работи за возраст над 45 години. И јас и земник-министерот сме во ризичната група, па дојдовме да се испитаме. Со ова сакаме да порасне свесноста кај луѓето за тоа дека треба да се испитуваат и да ги натераме нашите граѓани што повеќе да одат на превентивни прегледи за да ги откриеме што порано болестите што се развиваат во понапредната возраст кај мажите. Секој четврток, од 12 до 14 часот, ќе се испитува бесплатно за сите граѓани во ризична група, возрасни мажи над 45 години“, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, кој меѓу првите денес го направи тестот заедно со заменик-министерот Јовица Андоновски.

Директорот на „Железничар“ рече дека интересот за тестирањето е многу голем, а се тестираат не само скопјани, туку и пациенти од други градови.

„За дваесетина минути се прегледани повеќе од стотина граѓани. За два часа очекуваме да бидат прегледани речиси 400. Здравствениот дом ‘Железничар’, како најстар здравствен дом во државата, се приклучи во глобалната кампања за поттикнување на свеста за заштита на машкото здравје со бесплатни ПСА-скрининг тестови за машката популација постара од 45 години. Оваа пригода ќе ја искористам директно да им се обратам на мажите – една капка крв може да ви го промени животот. Секој превентивен преглед е важен. Прегледајте се, превенирајте и заштитете се. Само така ќе имаме здрава популација, здрава држава“, рече директорот на Здравствениот дом „Железничар“.

Пулт за земање крв за тестот ќе биде поставен пред влезот на „Железничар“ на 21 и на 28 ноември, во периодот од 12 до 14 часот.

Министерот Таравари најави дека за в година ќе размислуваат бесплатното тестирање да се рашири и во други градови од земјата.

Можете да прочитате

Поднесена кривична пријава против екс директорот на комуналното претпријатие во Богданци

Николовски: Поголема контрола на ГП Блаце, во радар брзите пошти

Ѓорѓиевски: За првпат после половина век, жителите од улица ,,25” во Припор добиваат целосна фекална канализација и нов асфалт