Утрински Весник
Македонија

Започнаа подготовките за матурските прослави – Дали средните училишта “го дерат” џебот на родителите?

Img 20241114 Wa0000.jpg

На само месец и половина од крајот на 2024 година, средношколците веќе знаат каде ќе ја прослават својата матурска вечер, кои инаку се реализираат во месецот мај, следната година. За оваа вечер општо е познато дека матурантите се подготвуваат по полна пареа, но тука е и финансискиот притисок врз родителите. Сумите кои се бараат, според сведоштвата на учениците и родителите, се навистина високи и за многу семејства, неприфатливи со оглед на животниот стандард во нашата држава.

Редакцијата на 24 Инфо се обрати до неколку средни училишта во обид да добие официјален одговор околу самите подготовки за матурската вечер, но досега не доби повратна информација. Во меѓувреме, разговаравме со ученици и родители за деталите и трошоците на матурската вечер, кои откриваат драматични огромни суми.

Според матурантите и нивните родители, матурската вечер веќе неколку години се претвора во настан кој бара огромен буџет, годинава особено, поради енормниот раст на цените.

Учениците од средното училиште „Васил Антевски Дрен“ велат дека училиштето избрало ресторан со цена од 1.800 денари по ученик за најосновно мени без алкохолни пијалоци. Дополнително, за фотографирање се бараат 1.500 денари, а за музика уште 500 денари по ученик. Пресметката покажува дека учениците плаќаат вкупно 3.800 денари за само неколку часа во ресторанот. Прославата потоа по традиција не завршува тука, туку продолжува во дискотека, каде учениците плаќаат дополнителни 1.200 денари. Вкупно, трошоците за матурската вечер се искачуваат приближно 5.000 денари по ученик.

Освен овие погоре, дополнителни трошоци на листата има и за облека и изглед, па така за да ги подготват своите деца за матурската вечер, родителите вложуваат и во овој важен дел кој дополнително ја зголемува вкупната цена на овој настан.

Родител на ученичка од Средното училиште „Никола Карев“ вели дека за подготовка на неговата ќерка ќе потроши речиси цела месечна плата од 40.000 денари. На овие трошоци се додаваат:

Фризура: 6.000 денари
Шминка: 6.000 денари
Фустан: до 20.000 денари
Чевли: од 6.000 до 9.000 денари

Ова значи дека родителите освен што плаќаат за ресторан, музика и фото студио, трошат многу повеќе. Вообичаено, просечен буџет од 40.000 до 50.000 денари може да биде потрошен само за една вечер, што за многу семејства е тежок товар.

Забележителна е и практиката парите да се собираат во кеш – секој ученик ги дава парите на претседателот на класот, кој потоа ги предава на училишниот одбор. Оваа пракса, според родителите, создава простор за сомнеж и прашања за транспарентноста и отчетноста на училиштата во распределбата на овие средства. Повеќе родители предлагаат овие средства да се собираат преку банкарски сметки, што би придонело за поголема транспарентност.

Дополнително прашање кое се отвара е и разликата во цените кои ги нудат одредени ресторани и фото студија низ главниот град.

Нашата редакција истражи и се обрати до неколку ресторани и фото студија во Скопје за да ги провери цените. Според информациите до кои дојдовме, ресторани нудат менија по цена од 1.250 денари по лице, па се до 2.250 денари, за екстра луксузен ресторан, а услугите за фотографирање изнесуваат од 300 до 600 денари по лице за фотографија А4 формат, со дополнителни минимални давачки за неколку фотографии плус. Овие цени се значително пониски од сумите кои ги бараат училиштата, што доведува до прашање – дали родителите се присилени да плаќаат преголеми суми за настан кој треба да биде достапен за сите?

Грубата математика покажува дека во Скопје има 23 средни училишта со просек од 200 до 320 ученици во секое училиште. Со трошок од 5.000 денари по ученик, вкупниот износ за матурските прослави се проценува на околу 30 милиони денари или приближно половина милион евра. Оваа сума го отвора прашањето дали матурските вечери се претвораат во профитабилен бизнис, на сметка на финансиските можности на родителите.

Иако матурската вечер има културно и симболично значење, трошоците што се наметнуваат го доведуваат во прашање нејзиното значење за учениците и нивните семејства.

Родителите сè повеќе ја доведуваат во прашање оправданоста на трошоците и недостатокот на транспарентност во организацијата. Во време кога многу семејства се соочуваат со финансиски предизвици, матурската вечер можеби треба да се организира со пониски трошоци и во духот на едноставноста и достапноста за сите ученици, со оглед на тоа што не секое семејство во Македонија може да си приушти ваков луксуз.

Редакцијата на 24 Инфо ќе продолжи со истражување на оваа тема и ќе се залага за поголема транспарентност и правичност во организацијата на матурските вечери, со цел да им олесни на родителите во исполнување и на оваа обврска за секој еден од нив.

Можете да прочитате

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина

Филипче: Заев и Ковачевски ја жртвуваа политичката кариера за денес да бидеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски