Утрински Весник
Балкан

Џон Малкович ги разбесни бугарските националисти, го обвинија дека ги навредува и исмева

Pxl Dpa 060317 15853503 0e7pxw9.jpg

Светски познатиот актер и режисер, Џон Малкович во Софија ќе ја претстави претставата на нобеловецот и оскаровец Бернард Шо. Националистите и Сојузот на бугарските писатели го осудуваат делото „Оружје и човек“ како „антибугарско“, пишува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

На прв поглед сè изгледа како шега. Претставата стара повеќе од 120 години, дело на ирски нобеловец, денес се смета за закана за бугарската национална гордост од уметничко здружение.

Здружението делото го означува како „антибугарско“ и го критикува режисерот кој ќе го претстави во Бугарија. Тој е светска ѕвезда и во последните години неколкупати режираше и глумеше на бугарската театарска сцена, што е ретко за земјата.

Режисерот одговори дека нападите врз него и претставата не се „многу интелигентна идеја“ и ги отфрли тврдењата на здружението. Тој потсетува дека истото здружение по налог на партијата го исклучи од своето членство најпознатиот дисидент од времето на социјализмот во Бугарија.

Пред негодувањето од уметничкиот колектив, неколку националистички организации, кои во минатото учествуваа во антимигрантски настани, решија да организираат протест со барање претставата да се отстрани од репертоарот на театарот. Тврдат дека делото е „навреда“ и „исмејување“ на народот и војската, а нивните ставови ги поткрепуваат со цитати.

На сцената на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, во режија на Џон Малкович, ќе се игра претставата на Бернард Шо „Оружје и човек“.

Организацијата која изразува незадоволство е Сојузот на бугарските писатели (СБП), на чело со Бојан Ангелов. Според податоците од веб-страницата, Здружението броело 1.657 членови низ годините.

Националистички организации кои закажаа протест за 7 ноември – денот на премиерата на претставата, се „ВЗРО Вртоп“, „Национално будење“, „Млади за Бугарија“ и „Куберови Ратници“.

Оваа приказна се развива на позадината на се поизразените симпатии кон екстремните националистички формации во земјата.

Тоа се случува и во време на засилена проруска пропаганда насочена кон отфрлање на западната либерална демократија и вредностите што таа ги наметнува, како и тековните обиди да се блокираат реформите во образованието во Бугарија, која сè уште користи модели, практики и размислувања засновани на историја и култура на ерата на тоталитарниот режим.

Критичарите ја опишуваат претставата „Оружје и човек“ како антивоена и антиромантична комедија. Во неа, Бернард Шо – еден од ретките добитници и на Оскар и на Нобеловата награда за неговата работа – ја поставува сцената во еден бугарски град за време на Српско-бугарската војна во 1885 година.

Многу од ликовите во претставата се Бугари, а некои од нив се прикажани во комично светло.

Главниот лик, Рајна, има романтична претстава за војниците и војната воопшто, но таа илузија подоцна е разбиена.

Самиот Шо наведува дека основниот заплет на приказната бил завршен многу пред тој да одлучи каде ќе се одвива дејствието, интерпретација што некои режисери ја земаат во предвид кога поставуваат претстава.

Наведените бугарски националистички организации цитираат различни делови од драмата, а еден од нив, говор од еден од главните машки ликови, гласи:

„Овие нови обичаи не се добри. Сето тоа миење не е добро за здравјето, не е природно. Во Пловдив имаше еден Англичанец кој секое утро штом стануваше се миеше со ладна вода. Одвратно! Сето ова доаѓа од Англичаните: нивната клима ги прави толку валкани што мора постојано да се мијат. Погледнете го татко ми! Не се капеше цел живот, а доживеа 98 години – беше најздравиот човек во Бугарија. Немам проблем со миење еднаш неделно заради другите, но секој ден е смешно“.

Овие организации тврдат дека претставата „ги исмева бугарските подвизи во Сливница, ги прикажува нивните војници како пијаници, а народот како варварски, неписмен, примитивен и валкан“.

Организациите инсистираат претставата да се тргне од репертоарот на театарот. Тие испратиле отворено писмо и до бугарскиот претседател Румен Радев и тамошниот министер за култура Најден Тодоров. Покрај тоа, шират фотографии од бугарските актери кои учествуваат во претставата, со натпис „срамота“.

Можете да прочитате

Свеќи од роденденска торта предизвикаа пожар во кафуле во Атина

Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград

Српскиот премиер тврди дека сите што се виновни за падот на настрешницата ќе бидат кривично гонети