Менаџерите од хотелот „Манастир“ во Берово објавија дека продолжуваат со работа по пожарот кој изби во комплексот во текот на викендот.
„Со голема радост ви објавуваме дека од понеделник, 04.11.2024, продолжуваме да ве пречекуваме во нашата и ваша уникатна безвременска приказна хотел МАНАСТИР, Берово Иако на 27.10 вечерта имавме пожар во еден дел од хотелскиот комплекс Манастир – во дел од ресторанот каде е отворената скара – со радост можеме да ве известиме дека само помал дел од ресторанот е зафатен и пожарот е успешно локализиран благодарение на брзата реакција на колегите, пријателите и противпожарните служби. Сите други делови од комплексот се во совршена функција – сместувачките капацитети, кујната, вториот дел од ресторанот, терасите, СПА-то, паркот…. и ве чекаат, подготвени да ви понудат гостопримство и високо квалитетна услуга по која сме препознатливи. Периодов ќе следи и санација на погодениот дел од ресторанот, за брзо враќање на неговиот автентичен амбиент“, вели Дина Муцунска.
„Голема благодарност кон медиумите кои ни оддадоа внимание, а со тоа и големо уважување, а особено голема благодарност и почит кон противпожарните служби, најнапред до нашата ТППЕ Берово, а секако и до оние од Пехчево, Делчево, Виница, Кочани и Струмица, кои со голема пожртвуваност и професионалност овозможија нашиот хотел и натаму да биде ваша омилена дестинација за одмор, работа и уживање“, додава таа.