Утрински Весник
Свет

Остри реакции по одлуката на Израел за забрана на активностите на УНРВА, Гутереш предупреди на „катастрофални последици“

Unrwa.jpeg

Владите на Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка ја осудија одлуката на Израел да ја забрани работата на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) на окупираните палестински територии, објавија четирите земји во заедничката изјава.

-УНРВА има мандат од Генералното собрание на Обединетите нации. Работата на Агенцијата е суштинска и незаменлива за милионите палестински бегалци во регионот, а особено во сегашниот контекст на Газа. Законодавството одобрено од Кнесетот претставува многу сериозен преседан за работата на Обединетите нации и сите организации од мултилатералниот систем, се вели во соопштението.

Владите од Мадрид, Љубљана, Даблин и Осло рекоа дека ќе продолжат да работат со донаторите и земјите домаќини за да обезбедат одржливост на работата на УНРВА и нејзината хуманитарна улога. Тие четири земји ја признаа независноста на Палестина оваа година во границите од 1967 година, барајќи повлекување на израелската армија од окупираните територии.

Забраната на активностите на УНРВА во Израел ја осуди и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереше, кој нагласи дека тоа може да има „катастрофални последици“.

Реакциите доаѓаат откако израелскиот парламент вчера усвои два закони: еден со кој се забранува на УНРВА да работи во Израел и друг со кој им се забранува на израелските власти каков било контакт со УНРВА, што се очекува сериозно да ја ограничи работата на оваа важна агенција на териториите окупирани од Израел.

-Спроведувањето на овие закони може да има катастрофални последици за палестинските бегалци на окупираните палестински територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, што е неприфатливо. Нема алтернатива за УНРВА, се вели во соопштението на Гутереш.

УНРВА, која почна да им помага на околу 750.000 палестински бегалци во 1950 година, сега им служи на речиси шест милиони луѓе ширум Блискиот Исток, вклучително и Источен Ерусалим, Газа и Западниот Брег, обезбедувајќи основни потреби како храна, образование и медицински услуги.

Генералниот секретар на ОН го повика и Израел да ги почитува своите обврски според меѓународното право. -Националното законодавство не може да ги промени тие обврски, истакна Гутереш.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд