Утрински Весник
Свет

Пентагон: Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во Русија да се борат во Украина

Pentagon.webp.webp

Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во Русија да се обучуваат и борат во Украина во следните неколку недели и нема да има ограничувања за употребата на американско оружје против нив, соопшти денеска Пентагон.

Портпаролката на Пентагон Сабрина Синг изјави дека некои севернокорејски војници веќе се приближиле до Украина и се верува дека се движат кон рускиот пограничен регион Курск, каде Русија се бори за да го одбие украинскиот упад.

Синг изјави дека нема да има ограничувања за употребата на американско оружје против севернокорејските сили.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека одредени севернокорејски воени единици веќе се наоѓаат во регионот Курск.

Руте во Брисел изјави дека распоредувањето на севернокорејските трупи претставува „значителна ескалација“ на вмешаноста на Пјонгјанг во конфликтот во Украина и „опасно проширување на руската војна“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Ентони Блинкен ќе се сретнат со нивните јужнокорејски колеги подоцна оваа недела во Вашингтон.

Синг најави дека Остин и јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Џонг-хјун ќе разговараат за распоредувањето на севернокорејските трупи во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на НАТО во октомври рече дека „илјадници“ севернокорејски војници се на пат кон Русија.

Зеленски рече дека врз основа на разузнавачките информации што ги добил, 10.000 севернокорејски војници се подготвуваат да бидат распоредени во Украина на руска страна.

Јужнокорејските медиуми претходно јавија дека Северна Кореја ќе испрати вкупно 12.000 војници да се борат во Украина.

Можете да прочитате

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков

Обилни снежни врнежи во Турција: Затворени училишта и спасени стотици граѓани