Интегрален текст од соопштение до јавноста на ПП Левица
Според последните статистички податоци од изминативе години, во Македонија секоја година се дијагностицираат околу 1.200 нови случаи на рак на дојка. Загрижувачки е што оваа болест е водечка причина за смрт од рак кај женската популација, со просечно 400 смртни случаи годишно, а слободни термини за прегледи, скоро и да нема!
Жените се соочуваат со тешкотии во пристапот до квалитетни медицински услуги, особено во руралните и периферните подрачја. Листите на чекање се долги, а термините недоволни, што го пролонгира процесот на рана дијагностика, која е основ за успешен третман.
Додека истражувањата и извештаите посочуваат дека изминативе години бројот на новозаболени и смртни случаи од карцином на дојка расте – надлежните и понатаму не се чувствуваат повикани да преземат било какви мерки. Политичките елити кои секоја година одбележуваат „Розов октомври” се дел од проблемот кој не создава функционално јавно здравство преку кое жените би можеле навремено да го детектираат и третираат канцерот на дојка.
Извештаите укажуваат и на тоа дека јавното здравство има сериозен недостиг на медицински кадар, особено радиолози коишто би можеле да ги прочитаат и констатираат резултатите, па пациентките, резултатите од скрининг мамографијата ги чекаат и околу три месеца.
Оттука ја повикуваме власта составена од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ сериозно да поработи на подигнување на сопствената свест во насока на обезбедување на услови за третман на подигнатата свест кај жените.
Потребни се итни мерки и инвестиции во јавното здравство, за да се осигура дека секоја жена, без разлика на нејзиното место на живеење или социо-економска положба, ќе има пристап до квалитетни здравствени услуги за рано откривање и третирање на карциномот на дојка!