Утрински Весник
Свет

Шефот на ОН се ракуваше со Путин, па повика на мир во Газа, Либан, Украина и Судан

Guteresh Putin.jpg

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш им порача на лидерите на БРИКС, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, дека на светот му е потребен мир во Газа, Либан, Украина и Судан.

„Генерално, ни треба мир“, рече Гутереш на самитот на БРИКС во рускиот град Казан.

„Ни треба мир во Украина. Праведен мир во согласност со Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на Генералното собрание на ОН“, посочи тој.

Кабинетот на Гутереш подоцна објави соопштение во кое се вели дека тој се сретнал со Путин на маргините на состанокот на БРИКС и го повторил својот повик за мир.

Во соопштението се наведува дека Гутереш го повторил својот став дека руската инвазија на Украина во 2022 година е „прекршување на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“.

Според соопштението, Гутереш исто така рекол дека слободата на пловидба во Црното Море е „од најголема важност“ за Русија, Украина и севкупната безбедност на храната и енергијата.

Двајцата лидери, како што се наведува, разговарале и за „апсолутната потреба од прекин на огнот во Газа и Либан, како и за потребата да се избегне понатамошна регионална ескалација“.

БРИКС, акроним за Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, сочинува 45 отсто од светското население и 35 отсто од светската економија.

Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, исто така, се приклучија оваа година во групата која сака да биде одговор на политичката и економската моќ на богатите нации од Северна Америка и Западна Европа. Саудиска Арабија исто така треба формално да се приклучи.

Можете да прочитате

Шефот на иранската гарда до Израел: Ќе има „горчливи последици“ за нападите врз воените објекти

Нетанјаху го отфрли египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа

Нетанјаху се надева на триумф на Трамп во претседателската трка во САД