Утрински Весник
Македонија

Во избришаната порака не пишувало „кажете само колку пари треба“, туку „полицијата не презема ништо, тврди дека Вања е избегана“, уверува Туфегџиќ

Hq720.jpg

По денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, укажа дека полицискиот началник Дејан Димовски во сведоштвото не дал доказ дека татакото на Вања избришал порака на „Вибер“, во која зборувал за пари што бил спремен да ги даде. Началникот Димовски, објаснувајќи зошто се посомневале во таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека една од причините била избришана порака во група на „Вибер“, која некои родители ја виделе и на полицијата ѝ кажале дека гласела „кажете само колку пари треба“.

„Началникот бил должен да спроведе целокупна постапка и да достави доказ дека тоа е така. Тој денес потврди дека, освен избришана порака, таква содржина во вибер-група меѓу другите родители нема. Кажува свои претпоставки што ги добил како сознание од други родители, па сега јас поставувам прашање, па зошто не е опфатен некој од тие родители денеска да биде дел од постапката. Тврдам, се знае и кој е родителот и кое е лицето. Александар има комуникација на прашање од тоа лице како загрижен родител, одговара на прашање и одлучува по ова, да ја избрише комуникацијата бидејќи смета, вели и самиот, да не сфати полицијата дека ја попречува истрагата. Тоа е лична комуникација во вибер-групата, од која се издвојува еден родител и упатува прашање, на кое тој одговара и потоа одлучува да ја избрише пораката, како што и самиот ми кажа – ‘за ако прочита полицијата, да не ми забележат дека ја опструирам постапката’. Инаку, неговиот одговор е баш така, децидно: што преземаат? – ‘ништо, тврдат дека Вања е избегана’“, рече адвокатот Туфегџиќ во изјава за медиумите по судењето.

Адвокатот тврди дека таткото на Вања, Александар, и неговиот кум Гоце Трајковски, три дена пред полицијата да дознае за смртта на Панче Жежовски побарале снимка од бензинска станица во Велес оти таткото на Вања се раководел од лични чувства, а пријателите од „Сејв сити“ им посочиле дека на снимката има автомобил што се бара, па затоа ја побарале и ја предале на полицијата. Туфегџик вели дека таа снимка е клучна за откривање на целиот случај.

„Јас лично тврдам, да не биле вклучени овие двајца луѓе, ние и денеска ќе имавме состојба при што Панче и Вања ќе се водеа за исчезнати и немаше да бидат пронајдени и во тоа сум сигурен“, рече адвокатот Туфегџиќ.

Ставот на одбраната е дека полицијата постапувала, без да следи правила и стандарди за постапување во вакви случаи, постапувале според свои видувања, а денешното сведочење на началникот го потврдило тоа.

Туфегџик сведоштвото на началникот го оцени како контроверзен исказ за кој ќе приговараат како одбрана, а по сослушувањето на таткото на Вања, за целосно расчистување на работите, ќе побараат негово соочување со началникот и неговиот колега, со кои бил во постојан контакт.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор