Упатувањето покана до Украина за приклучување кон НАТО, ќе ја зајакне земјата политички и она што е уште поважно ќе ја донесе до реален и праведен мир, порача од Брисел украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Украина постигна нешто што до неодамна се чинеше невозможно – успеа да го запре рускиот масовен напад и да се одбрани од инвазијата. Останавме обединети и ја зајакнавме нашата одбранбена способност и производството на оружје, истакна вечерва Зеленски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одржана пред заседанието на Советот за соработка НАТО-Украина во рамки на состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, што денеска и утре се одржува во Брисел.
Зеленски се заблагодари за доставеното оружје и опрема, како и за глобалната поддршка за Украина од целиот свет, како и за поддршката за обнова на нејзината инфраструктура уништена во руските напади во пресрет на зимата, потенцирајќи дека зајакнувањето на земјата не зависи само од доставеното оружје, туку и од искажаната волја и зачувувањето на единството за нејзина поддршка.
– Украина заедно со своите партнери знае како да ги постигне своите цели и тоа е најважно, рече Зеленски, додавајќи дека иако Украина се уште чека на целосно исполнување на ветувањата дадени на Самитот на НАТО во јули, таа им е благодарна на своите партнери за досега доделената поддршка, од која зависат животите на украинските војници на теренот.
Тој истакна и дека Украина еден ден сака да стане членка на НАТО и мора да се направи се за тоа да се случи, затоа што би било погрешно земјата да се остави надвор од Алијансата каде што и е местото.
– Затоа еден од главните точки во Планот за победа е покана за членство во НАТО. Ние Украинците покажавме дека можеме да се браниме, да споделуваме вредности и да се спротивставиме на Русија – најголемата закана за Европа и глобалниот мир, рече Зеленски, додавајќи дека според Повелбата на НАТО, секоја земја што може да се брани себеси и другите и ги споделува заедничките вредности може да се приклучи на НАТО.