Интегрален текст од соопштение за јавност на ПП Левица
,,Власта заеднички да донесе законски измени за платено породилно отсуство на жените – земјоделки”, апелираше пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, за време на Јавната расправа за родова инклузија на руралната жена по повод Меѓународниот ден на руралната жена.
– За состојбата во руралните средини говори фактот дека дури 62% од населените места во Македонија имаат помалку од 100 жители – што кажува дека не денес, туку вчера, требаше да се започне со системско решавање за депопулацијата во руралните средини – потенцираше Мојсоска.
Мојсоска потсети дека претходната влада не го стави на пленарна седница Предлог – законот од Левица во интерес на земјоделките.
– Нашиот Предлог – закон за платено породилно отсуство на жените – земјоделки, претходната влада, за жал, не го стави на пленарна седница. Наместо тоа, се донесе импровизирано решение од Програма за социјална поддршка, која ја донесува Министерството за земјоделие – рече Мојсоска.
Во своето излагање, таа истакна дека во 2023 година, само 2 жени – земјоделки поднеле барање за остварување на правото на породилно отсуство.
– Тие 2 барања не биле разгледани до моментот на вршење на ревизијата. Тоа, исто, укажува дека условите за користење на поддршка од Програмата се дискриминаторски – образложи Мојсоска.
– Јас сметам дека правото на платено породилно отсуство е ЗАКОНСКА материја и тоа не смее да зависи од дискреционото право на некој министер да донесе програма. Јас апелирам и се надевам дека нема да заврши уште еден мандат без жените – земјоделки да добијат законско решение за платено породилно отсуство, а Левица е подготвена повторно да поднесе предлог – закон, со апел – актуелната власт да го поддржи – поентираше Мојсоска.