Наспроти одредени позитивни движења во Бугарија во изминатите четири години поврзани со законодавството, пристапот до здравствена заштита и образованието, може да се забележи недоволен напредок во спроведувањето на претходните препораки на Советот на Европа за обезбедување ефективен пристап во остварувањето на правата на малцинствата во земјата, оценува Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето шесто мислење за состојбите во Бугарија објавено денеска.
Комитетот дава препораки до бугарските власти за промоција на културите и јазиците на националните малцинства, негување доверба и меѓусебно почитување, како и подобрување на состојбата со ромското малцинство.
– Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни, се наведува во документот.
Советодавниот комитет нагласува дека е потребно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, врз основа на принципот на слободна самоидентификација.
– Лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека сметаат оти некои активности на властите активно ги обесхрабруваат да се самоидентификуваат како етнички Македонци. До Советодавниот комитет беа пријавени случаи на напади за време на јавни настани, како и пречки за организирање протести и различни собири, порачува Комитетот.
Во извештајот се посочува и дека соговорници на Советодавниот комитет истакнале дека „не постои свест за значењето на малцинските права во бугарското општество и дека нема разбирање за националните малцинства како составен и ценет дел од Бугарија“.
– Соговорниците на Советодавниот комитет, исто така, известија дека недостигот на знаење за малцинствата во општеството се рефлектира во ограничено изучување на јазиците на малцинствата или за нивното историско присуство во Бугарија, нивните култури, традиции и истории, се додава во документот.
Во извештајот се посочува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија поднесени од здруженија чија цел е заштита на интересите на македонското малцинство во земјата, утврди прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права во врска со слободата на собирање и здружување поврзани со здружението ОМО Илинден и со одбивањата на националните судови да ги регистрираат здруженијата на жалителите.
Комитетот посочува дека Европскиот суд за човекови права оценил оти ваквите судски одлуки се неоправдани и претставуваат „непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата апликанти не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели“.
– Судот исто така утврдил дека фактот што неколку од целите на здруженијата биле означени како „политички“ не е доволна основа за одбивање ја нивната регистрација, се вели во извештајот.
Комитетот посочува и дека шест од овие пресуди се под засилена процедура на надзор за нивното извршување од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа повеќе од 17 години.
– Како општа мерка за имплементација во групата случаи на ОМО Илинден, Бугарија усвои измени на Законот за непрофитни правни лица и Законот за трговскиот регистар и регистарот на непрофитни организации, со кои се измени процедурата за регистрирање на НВО. Од јануари 2018 година, регистрацијата на НВО во судовите е заменета со управна постапка пред Националната агенција за регистрација. Во октомври 2020 година, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Привремена резолуција, барајќи од властите да усвојат законодавни или други соодветни мерки за да обезбедат поширока и поефикасна обврска за Агенцијата за регистрација да им дава упатства на здруженијата да ги поправат досиејата за регистрација. Во август 2021 година, Владата усвои патоказ за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кој предвидува подготовка на законодавни или други соодветни мерки за да се обезбеди поширока и поефикасна обврска на Агенцијата да им наложи на здруженијата да ги коригираат нивните документи, каде што е објективно можно, се вели во документот.