Утрински Весник
Економија

Димитриеска-Кочоска: Ограничувањето на маржите нема ефект, потребни се поефективни мерки

17072024 Dimitrieska Kocoska Pres 2 1500x650 1.jpg

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција потврди дека била против мерката за ограничување на бруто-профитните маржи, која беше воведена на владината седница. Таа нагласи дека и понатаму стои на ставот дека ваквите мерки не даваат резултати поради недостаток на стручни лица за следење на овие пресметки на терен.

„Бев против замрзнување на маржите и сметам дека не носат никакви резултати“, изјави министерката, додавајќи дека нејзиното министерство не е ресорно за таа работа, но сепак ја прими иницијативата од компаниите за консултации. Според неа, замрзнувањето на маржите е сложен процес кој бара подобра методологија, укажувајќи на пример од Унгарија, каде се применува метод на просек на цени со попусти, што за неа е посоодветно решение.

Од друга страна, министерката го поддржува Законот за нефер трговски практики, донесен во март и стапен во сила на крајот на минатиот месец, бидејќи, како што истакна, тој значително ќе го регулира пазарот и овозможува поедноставено следење на замрзнувањето на цените.

Димитриеска-Кочоска изрази загриженост за најавената мерка за сезонски и празнични потрошувачки кошнички, укажувајќи на потребата од поедноставен начин на контроли, без притоа да се нанесе штета на приватниот сектор.

Во однос на цените на земјоделските производи, министерката го посочи намаленото производство како главен проблем, нагласувајќи дека државата одвојува големи средства за субвенции, кои не даваат очекуван ефект. Таа најави дека Министерството за земјоделство работи на измена на методологиите за распределба на субвенциите, со цел да се подобри состојбата во овој сектор.

„Имаме сè помало производство и сè поголем увоз на земјоделски производи, што е главен фактор за високите цени на пазарот“, истакна министерката на прес-конференцијата.

Можете да прочитате

Студија на Групацијата EOS покажува како банкарството се менува: Секој трет за чувствителни финансиски прашања полесно разговара со ВИ агент отколку со човек

Мицкоски: Извозот расте побрзо од увозот, трговскиот јаз во третиот квартал е намален за 85–86 милиони евра

Пуштањето на интерконекторот со Грција се планира за 2027 година