Економско-социјалниот совет (ЕСС) денеска треба да ја одржи првата седница по формирањето на новата Влада. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во вторникот на прес-конференција изјави дека со работодавачите и синдикатите ќе се продискутираат сите нивни барања, идеи, критики и предлози, како и барањето за покачување на минималната плата.
– Заедно и транспарентно ќе носиме одлуки. Ќе ги видиме и можностите на Владата, но ќе ги слушнеме и работодавачите и синдикатите и ќе донесеме заедничка одлука, рече Дурмиши.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, Дурмиши истакна дека според законот покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.
Од Сојузот на синдикати на Македонија и од Организацијата на работодавачи на 1 октомври кога се одбележуваа 100 дена од работата на Владата изразија очекување дека наскоро ќе биде свикана седница на ЕСС.
Тогаш од ССМ не сакаа да ги коментираат првите 100 дена од работењето на новата Влада изразувајќи надеж дека ќе биде свикана седница на ЕСС на која ќе им биде кажано што е сработено, а од Организацијата на работодавачи на Македонија посочија дека имале високи очекувања, но дека досега ништо не е направено.