Цената на метар квадратен стан во ценарот на Скопје веќе ја надмина границата од 2.000 евра, што претставува сериозен предизвик за сите оние кои треба да го решат станбеното прашање.
Но, ако решите наместо во стан, да живеете во куќа, тогаш навистина ви се потребни сериозни финансиски средства или речиси цело богатство.
„Здрава“ односно веднаш вселива куќа (80 квадрати со околиу 300 квадрати двор) веќе не може да се најде под 100.000 евра и таа цена важи само во приградските населби како Маџари, Волково, Радишани, Долно Лисиче. Ако сакате куќа на пример во Ѓорче Петров или Бутел за иста таква ќе треба да одвоите најмалку 150.000 евра.
Барака од над 600.000 евра
Тафталиџе е една од најскапите локации за купување недвижен имот. Во оваа населба солидна куќа не може да се најде под 300.000 евра, а оние полуксузните достигаат и цени од над еден милион евра.
Сепак, еден оглас се издвојува од останатите, а тоа продажба на барака од 255 метри квадратни со дворно место од 607 квадрати по неверојтна цена од 635.000 евра.
Покрај Тафталиџе, скап квадрат има и во Бардовци, во населбите на Водно, како Црниче, Жданец и Пржино.
Куќи и вили од над 1.000.000 евра
Во Скопје во последните години зачестија огромните зданија од куќи, мини дворци кои се луксузно опремени.
Цената на таквите зданија кои често се над 400 или 500 квадратни метри е над еден милион евра.
Водно, Нерези, комплекс Верина, комплекс Свети Јован, нови комплекси се само дел од локациите каде се наоѓаат ваквите вили, а нивен сопственик можете да станете за 1,2 или 1,4 милиони евра.
Алатка која прави споредби на цената на станбениот кадрат
Со цел да се направи сеопфатна анализа на цените на недвижностите во Скопје, софтверскиот инженер Дејан Бежановски ја направи платформата cenakvadrat во која може да се пребарува по неколку параметри и да се направи споредба колку бил а колку сега чини метар квадратен станбен простор во различни населби низ Скопје.
„Идејата за проектот https://www.cenakvadrat.com се роди од мојата лична потреба да најдам прецизни и актуелни информации за цените на становите во Скопје. Забележав дека постоечките информации често се базираат на непрецизни проценки или податоци од втора рака, што не ја отсликува реалната состојба на пазарот. За да обезбедам објективни и фактички податоци, решив директно да ги собирам информациите од локалните веб-сајтови за недвижнини преку веб-скрејпинг. Овој пристап ми овозможи да добијам точни и ажурирани податоци, директно од изворот, при што се осигурувам дека сите обработени огласи содржат валидни и веродостојни информации.
Првично, започнав со објавување на графикони на социјалните мрежи. Кога видов дека луѓето покажуваат вистински интерес и потреба за овие информации, одлучив да креирам целосна веб-апликација. Оваа апликација собира и визуелизира податоци директно од локалните веб-сајтови за недвижнини, овозможувајќи попрецизна и ажурирана слика на пазарот на недвижнини во Скопје.“, вели Бежановски во објава на LinkedIn.