Во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица, во Скопје денеска ќе биде донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар.
Свечениот пречек на иконата ќе биде во 17:00 часот пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Потоа ќе следи празнична Вечерна богослужба, по што ќе се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје, информираат од Канцеларијата на Скопска епархија на МПЦ-ОА.
В сабота, на 21 септември ќе се отслужи света архијерејска Литургија, на која ќе началствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и гости.
Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица најпрвин му припаѓаше на свети Јован Дамаскин, кој живееше во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск беше дел од исламската држава – Омејадскиот калифат, а Јован беше службеник кај калифот. Кога во соседното христијанско Источно римско царство се појави ереста на иконоборството, тогаш светиот Јован Дамаскин се покажа ревносен заштитник на светите икони.