Утрински Весник
Македонија

Сиљановска Давкова го прими регионалниот директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија, Алексоски

Foto 3.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Драган Алексоски, в.д. регионален директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија.

На средбата беше разговарано за соработката на македонските институции со Меѓународната организација за миграција и можностите за нејзино продлабочување, за областите во миграциската политика на кои треба да им се даде приоритет, како и за претстојните иницијативи и активности на организацијата предвидени за нашата земја.

Изразувајќи благодарност за континуираната посветеност и поддршката од  Меѓународната организација за миграција почнувајќи од 1999 година, претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за продолжување на меѓусебното партнерство во градењето на капацитетите за управување со миграцијата, граничната контрола и поддршката на ранливите групи.

На средбата беа разменети мислења за можностите за продолжување на соработката во однос на програмите за трудова миграција, кои ја олеснуваат интеграцијата на мигрантите и го зголемуваат нивниот придонес во националниот развој, како и за можностите за јакнење на соработката во областа на обезбедување на здравствени услуги за мигрантите.

Во таа насока, беше изразен интерес и за соработка на планот на одржливи стратегии за ублажување на ризиците од климатските миграции и управување со миграцијата предизвикана од климатските промени.

На средбата, претседателката беше информирана и за улогата на Меѓународната организација за миграција во спречувањето на насилниот екстремизам и програмите за реинтеграција и рехабилитација на вратените странски терористички борци и нивните семејства.

Претседателката ги реафирмираше посветеноста на земјата во управувањето со легалната и нелегалната миграција, во унапредување на институционалните капацитети и хармонизација на легислативата со меѓународните стандарди, како и напорите за соодветен одговор и управување со кризи на национално ниво и во регионални рамки.

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ