Утрински Весник
Балкан

Гинеколог силувал пациентка – Осуден е и отстранет од работа

Lekari Ilustracije 1 221353 725x485 1.jpeg

Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, денеска, по седницата на владата, изјави дека гинекологот од Клиничката болница во Осиек, кој е осуден за силување пациентка, повеќе не работи во таа болница.

Гинекологот е отстранет од болницата откако во јавноста излезе информацијата дека неправосилно осудениот силувач сѐ уште работи во болницата, а во меѓувреме друга пациентка го обвини за злоупотреба.

Увид во болницата врши и Министерството за здравство.

„Министерството за здравство нагласува дека случајот со докторот гинеколог во КБЦ Осиек е неприфатлив примарно поради штетата на самата пациентка, а воедно ја доведува во прашање довербата во лекарската фела. Не сме задоволни од резултатите од досегашното постапување на КБЦ Осиек во конкретниот случај и итно ја испративме здравствената инспекција да изврши здравствен инспекциски надзор.

Воедно, ќе разгледаме зошто ХЛК, чија надлежност е можноста за одбивање дозвола за работа, не го сторила тоа, особено поради контекстот на тежината и сериозноста на делото за кое се товари споменатиот лекар.

Министерството за здравство целосно ја почитува независноста на правосудните органи, но за да се спречат вакви настани, Министерството за здравство почнува со измени на Законот за здравствената заштита, како што најави министерот за здравство, Берош“, се вели во дописот што Министерството неодамна го испрати до хрватските медиуми.

Медиумите потсетуваат дека гинекологот продолжи да работи во болницата иако беше осуден за силување пациентка во февруари годинава. Од дирекцијата на клиниката истакнале дека тој не може да биде санкциониран пред правосилноста на пресудата. Дополнително, ХЛК ја прекина дисциплинската постапка против лекарот до завршување на судската постапка, стои во написите.

Министерството ја испрати инспекцијата откако и друга пациентка за порталот „Новости“ изјавила дека гинекологот ја прегледал пред три дена на несоодветен начин и дека потоа се уверила дека не работи под надзор, како што дотогаш тврдеше раководството на болницата. КБЦ Осиек најави поведување дисциплинска постапка.

Можете да прочитате

Свеќи од роденденска торта предизвикаа пожар во кафуле во Атина

Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград

Српскиот премиер тврди дека сите што се виновни за падот на настрешницата ќе бидат кривично гонети