Утрински Весник
Македонија

Откако учениците се опремија, Владата ќе ја ограничува маржата на училишниот прибор

Whatsapp Image 2024 09 03 At 14.45.03 C5d73fab.jpg

Владата на денешната седница донесе одлука за ограничување на трговската маржа на големо и на мало, на училишниот прибор.

„Со оваа одлука се ограничува највисоката трговска т.е. профитна маржа на училишниот прибор, како што се тетратки, ранци, боици, пластелин, подлоги, фломастери, маркери, мрсни боици, акрилни, водени бои и четки, линеари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и училишни додатоци, шестари, дигитрони, компаси, креди, табли, чаши за прибор и држачи и други производи потребни за учениците, што ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани. На големо, маржата ќе биде ограничена на 5%, додека на мало до 10%.Ова е само уште еден пример на посветеноста на Владата за создавање подобри услови за сите наши граѓани“ информираше премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Ќе има ли заштеди во семејните буџети и колкави ќе бидат тие?

Мерката се носи денеска на трети септември кога е вториот ден од учебната година.

Вообичаено, родителите своите деца за училиште ги подготвуваат некој ден пред почетокот на учебната година.

Па така, многу е веројатно дека речиси сите ученици (особено оние од пониските класови) се опремени за да ја следат наставата, односно дека на вториот учебен ден на училиште веќе дошле со ранци, тетратки, моливи, пенкала и други помагала.

Но, сепак премиерот смета дека оваа мерка не е задоцнета, а најави и нови мерки.

„Не е задоцнета, мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата, тогаш се реагираше и убеден сум дека оваа мерка ќе заштеди најмалку половина од буџетот на семејствата. Да, има и такви коишто обезбедиле дел од училишниот прибор, но како што кажав, во периодот што следи ќе имаме и други вакви мерки коишто ќе значат заштеда на есенската кошничка, па потоа може да биде и зимска и така натаму“ рече Мицкоски без да прецизира какви ќе бидат следните мерки.

Сепак, граѓаните кои подготвуваат деца за на училиште и кои купуваат училишен прибор сооваа мерка можат да се надеваат на заштеда од неколку стотина денари имајќи ги предвид актуелните цени.

Ниту збор за цените за основните продукти

Премиерот Мицкоски не кажа ниту збор дали граѓаните можат да очекуваат ограничување на маржите на основните продукти, како брашното, маслото за јадење, месото, овошјето и зеленчукот, хигиенските продукти, чии цени постојано растат и во суштина се највисоката месечна ставка за секое семејство.

Во меѓувреме, во Црна Гора и Србија од овој месец, па во следните неколку месеци, помеѓу 700 и 1.000 продукти ќе бидат со намалени и гарантирани цени, далеку пониски од досегашните.

Мицкоски, претходно ја отфрли таа идеја со образложение дека Владата немало да интервенира во цените со цел да не се наруши пазарната економија, но очигледно тоа не важи за производите што се училишен прибор и помагала.

Можете да прочитате

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

Ведро и студено, преку денот сончево

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер