Утрински Весник
Македонија

Вработени во УЈП ќе треба да враќаат пари зашто со незаконски склучени договори земале поголема плата

07032017150827 Web Ujp.jpg

Вкупно 129 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) ќе треба да враќаат пари, зашто од 12 февруари годинава со незаконски склучени договори земале поголема плата.

Тие биле административни службеници, но во текот на изборниот процес потпишале договори со кои станале даночни службеници.

Одлуката за потпишувањето на договорите била колективна и незаконска, констатирал Државниот инспекторат за труд (ДИТ) кој извршил проверки откако е назначена новата директорка на УЈП Елена Петрова.

ДИТ поради тоа и наложил на Петрова да ги поништи тие договори на овие 129 вработени. Финансиската штета од целата оваа ситуација изнесува околу 18 милиони денари.

Како што информира Петрова на брифинг со новинарите, УЈП во моментов бара најсоодветно решение за 129-те вработени кои денеска треба да потпишат нови договори за даночни службеници.

Една од опциите е дури и потпишување нов колективен договор или анекс на веќе постојниот, за што се разговарало и со синдикалните здруженија.

УЈП, нагласи директорката, чека и одговор од ДИТ за „најбезболно“ да се реши настанатиот проблем за кој, потенцира, вработените не се воопшто виновни.

Намерата, рече, веројатно била добра, да имаат повисоки плати, но изгубила смисла поради незаконитост.

Со новите договори, пак, што ќе бидат потпишани, секој од овие 129 вработени ќе добие плата според работното место.

Како што подвлече Петрова, вработените практично ќе добијат решенија за даночни службеници зашто актуелниот Закон за УЈП не предвидува администрстивни службеници, за што имало и негативно мислење од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација.

-Претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и поради кои внатре сега имаме хаос во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање последици.

Незаконитоста и формално правните неправилности ги констатираа и ДКСК и Државниот инспекторат за труд.

Во моментов јас сум соочена и треба да извршам наредба на Трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка на УЈП во февруари ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат да работат до склучувањето нови договори според новите интерни правилници.

Поништувањето на оваа одлука сега значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисока плата со промена на нивниот статус.

Најмногу засегнатите вработени во УЈП сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП.

Процесите на поништување на старите и склучувањето нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во тек на изборниот процес, истакна Петрова.

Сетоа ова, според неа, можело да се избегне доколку се испочитувале законските рокови.

-Согласно измените на Законот за УЈП овие акти во УЈП требало да бидат донесени во законскиот рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година во пресрет на изборниот период.

Согласноста од МИОА за овие правилници била издадена врз основа на своевидна манипулација и вметнување работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети.

Согласноста е издадена истиот ден, на 9 февруари, кога министерот кој ја потпишал бил разрешен, што е морален и политички хазард.

Ова фрла црна дамка на целиот процес, а и целиот процес на усогласување на сите вработени во УЈП по статус и плата ја изгуби својата смисла и добра намера токму поради лошото менаџирање, ненавремено постапување надвор од законските рокови, а потоа непромислено и избрзано постапување, формални и правни неправилности и незаконитости, објасни Петрова.

мч/aa/фото/видео: МИА .

Извор: МИА

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег