Утрински Весник
Свет

Републикански конгресмен лобирал Македонец да добие виза во САД за да работи во „Трамп Медиа“

Donald Tramp 960x521 1.jpg

Републиканскиот конгресмен Ден Бејкон од Небраска му помогнал на Македонецот Владимир Новачки од Скопје да добие американска виза. Како што денес објави „ПроПублика“, партнерската организација на ИРЛ во САД, барањето за помош до кабинетот на Бејкон дошло од „Трамп Медиа“, компанијата за социјални медиуми каде што Новачки бил вработен. Фирмата „Трамп Медиа“ е во сопственост на Доналд Трамп, поранешен претседател и сегашен кандидат за функцијата, пренесе ИРЛ.

Според електронските пораки во кои „ПроПублика“ имала увид, вработени во „Трамп Медиа“ во јануари 2022 година комуницирале со соработници на конкресменот Бејкон.

Мекензи Картрајт, поранешна вработена во канцеларијата на Бејкон, вели дека конгресменот лично и дал насоки да и помогне на „Трамп Медиа“ иако таа сметала дека мешањето на политиката со работата во канцеларијата е несоодведно.

„Не сакав да го направам тоа, но конгресменот лично ми рече да ја завршам работата“, изјави Картрајт, поранешна директорка за специјални проекти откако новинарите ја прашале за вмешаноста на конгресменот во обезбедувањето на виза за вработен во компанијата на Трамп.

Во еден од мејловите до кои ПроПублика имала увид, главниот оперативен директор на „Трамп Медиа“ му се заблагодарил на вработен во кабинетот на Бејкон за помошта. „Ти благодарам многу за помошта, ќе се осигурам да му се заблагодариме и на конгресменот“.

„Трамп Медиа“ и Новачки аплицирале за виза која е резервирана за лицата со извонредни способности. Апликацијата на Новачки била одобрена, но како што покажуваат мејловите од јануари 2022 година, интервјуто на Новачки во американската амбасада било закажано за во декември 2023 година. Тогаш фирмата во која бил вработен, побарала помош од конгресменот Бејкон.

Новачки, кариерата ја започнал со развивање на апликација „Скопје таксиметар“ која им овозможувала на граѓаните на Скопје да ги користат своите телефони за да гледаат колку пари треба да им наплати возилото во кое се возат. Најголемиот успех го доживеал кога добил работа во канадска фирма „Космик девелопмент“ која има канцеларии во Македонија. Коосновач на фирмата е Крис Павловски, кој исто така ја направи и видео платформата Рамбл која е популарна алтернатива на Јутуб помеѓу американските конзервативци и која има партнерство со „Трамп Медиа“.

Како вработен на „Космик девеломпмент“, Новачки со „Трамп Медиа“ започнал да соработува уште во неговите први денови во компанијата. Павловски го препорачал како некој кој би можел да изгради прототип на платформата „Truth Social“ за помалку пари од Американците.

Откако канцеларијата на Бејкон помогнала да се реши проблемот, Новачки минатата година се преселил во Флорида и станал главен директор за технологија во „Трамп Медиа“. Тој не одговорил на прашањата од ПроПублика.

Не е невообичаено компании да се обратат за помош кај конгресмени, но најчесто тоа го бараат од претставниците во нивниот дистрикт. „Трамп Медиа“ е со седиште во Сарасота, Флорида и е надвор од регионот кој го покрива Бејкон кој е конгресмен за Небраска.

Барањето за помош од „Трамп Медиа“ до Бејкон се случува во деликатен момент кога двајцата политичари имале несогласувања во јавноста.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години