Утрински Весник
Македонија

Владата ги менува условите за субвенции за авиокомпаниите – За развој на туризмот ќе се поддржуваат дојдените патници

Aerodrom.jpg

Наместо 7 евра, сега авиокомпаниите ќе добиваат по 9 евра за секој дојден патник на Скопскиот аеродром, а од 4,5 евра, на Охридскиот аеродром во иднина ќе се добиваат по 12 евра за дојден патник.

Се зголемува и износот на субвенцијата по патник од 7 евра по патник од Скопскиот аеродром на 9 евра, а од 4,5 евра по патник од Охридскиот аеродром на 12 евра, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски. Тој соопшти дека Владата ги сменила условите и критериумите за субвенционирање на авиопревозниците кои, се очекува следната година, да донесат нови 200.000 патници во земјава. Новите услови и критериуми ќе бидат применети од новиот повик за поддршка на авиопревозниците од македонските аеродроми кој ќе биде објавен следната недела, а ќе се однесува за периодот 2025 – 2027 година.

-Се менува критериумот за тоа кој авиопревозник ќе може да конкурира на огласот за добивање субвенции. Тие ќе треба да имаат превезено 5 милиони патници и да имаат 10 милиони евра профит во 2023 година. Ќе се субвенционира по патник кој ќе влезе во земјава, а не како досега по патник кој од Македонија ќе патува надвор од земјата.

Се трга обврската на авиопревозникот да ја одржува линијата колку што се добивала субвенцијата, што беше главна причина за намалување на бројот на патници од двата аеродрома. Нема да се субвенционираат авиокомпаниите, туку дестинациите. Повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании кои ги опслужуваат тие дестинации, со што ќе бидеме помалку зависни од една компанија. Во план е да се субвенционираат и дестинации надвор од Европа – Блискиот и Далечниот Исток, како и од други региони – информира Николоски.

Министерот појасни дека овие мерки се донесени за да се подобри воздушниот сообраќај, како и да се зголеми туризмот во земјава.

-Програмата за субвенционирање сега ќе изнесува 375 милиони денари, што е зголемување за 63 милиони денари на претходната сума – рече Николоски.

Можете да прочитате

Со изложбата „Еве го човекот” заврши второто издание на ГИГА Фест

Санкции за превозни претпријатија поради неправилности при вршење јавен превоз со автобуси

Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон и ги додели пехарите