Утрински Весник
Македонија

Транспарентноста во аут по првите два месеци од мандатот на владата

Scott Graham 5fnmwej4taa Unsplash Scaled.jpg

Два месеци и два дена изминаа откако новиот владин кабинет предводен од премиерот Христијан Мицкоски раководи со најважните инситуции во државата.

Очекувањата за првите сто дена од мандатот на секоја, па и на оваа влада не се многу големи, но овој пат барем во првите два месеци, многу поголеми се разочарувањата отколку позитивните изненадувања.

Се уште е рано да се прави пресек што е направено или не во соодветен ресор, но она што во овие шесееттина денови загрижува е падот на транспарентноста.

Одиме со ред.

Уште во првите денови од мандатот на новата влада, многу прашања останаа без одговор.

Меѓу нив беше составот на делегацијата која замина на Самитот на НАТО во САД, каде меѓу присутните беше и синот на премиерот, а за тоа се дозна по фотографии на социјалните мрежи и до денес се уште нема официјален одговор кој во какво својство и со чии пари престојувал во САД.

Владата, како и голем дел од министерствата се уште немаат назначени портпароли, а мноштво од досегашните гласноговорници во институциите си заминаа затоа што нивниот ангажман беше врзан со мандатот на конкретниот носител на јавната функција.

Слично е и со советниците на премиерот. Сегашната владејачка партија која со години ја критикуваше тогашна власт за бројот на советници на премиерот и начинот на нивниот избор, сега се уште не објавува кој и за колкав хонорар го советува актуелниот премиер.

Сето тоа влијаеше на сериозен пад на степенот на транспарентност на Владата.

Според последното годишно рангирање на активната транспарентност на владините институции, изготвено од Центарот за граѓански комуникации, Министерството за одбрана е единственото од владините институции што ја задржа максималната активна транспарентност од 100% оваа година. Во истражувањето, Владата падна од ланското прво место со 100% активна транспарентност на 40-то место со 87%.

Укинати се популарни алатки на транспарентност

Но проблемот на актуелната влада со транспарентноста се чини е повеќеслоен.

Па така, замрзнати се или целосно стопирано одредени алатки што ја унапредуваа транспареноста.

Една од нив е алатката преку која на агрегаторот за вести Тајм.мк можеа да се следат сите склучени договори, односно тендерите што ги склучуваат државните и јавни институции.

По 12 години функционирање оваа алатка не постои, а според одговорот што основачот на Тајм.мк, Игор Трајковски го добил од Бирото за јавни набавки причина за тоа било што таа го оптоварувала сајтот на Бирото.

„Не информираа дека Бирото за јавни набавки, поради големото значење на Електронскиот систем за јавни набавки и ИКТ безбедносните ризици што постојат при неговото секојдневно функционирање, имплементирало засилени мерки на безбедност. Во нашиот конкретен случај, како и од страна на други ентитети, поради преголемиот број web-request-и доаѓало до оптоварување на веб страната и намалување на функционалните перформанси на апликацијата, кои го попречувале секојдневното работење на регистрираните корисници преку нивните профили. Поради безбедносни причини, овие web-request-и имале исто однесување како почеток на DDoS напад и/или “malicious bot server”. Ние пуштаме само 1 до 2 request-a на секој час до нивниот сајт.
Веќе не може автоматски да се преземаат податоците, мора рачно да се download-ра .csv датотека со податоци. им понудивме да им дозволат на нашите IP адреси слободно да пристапуваат до сајтот, но сеуште не ни одговориле. Тоа им го понудивме и во првото обраќање до нив, но изгледа не дозволуваат“ вели Трајковски за 24инфо.мк.

Проблем има и со сајтот Отворени финансии со која безмалку „во живо“ можеа да се следат трансакциите од Буџетот кон компании, институции, но и поединци.

Од 17 јуни на сајтот нема нитуедна нова содржина, што го вклучи алармот кај граѓаните и стручната и експертска јавност.

Денес, Платформата на граѓански за борба против корупцијата ја повика власта под итно да биде ставен во функција порталот во отворен формат со слободен пристап до податоците.

„Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција. За потсетување, воведувањето на порталот  ‘Отворени финансии’ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции. Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики“, се вели во реакцијата.

Платформата го осудува оневозможениот пристап и ја потсетува Владата дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивното ажурирање.

„Со сегашната состојба на ‘Отворени финансии“, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока“, се вели во реакацијата.

Можете да прочитате

Со изложбата „Еве го човекот” заврши второто издание на ГИГА Фест

Санкции за превозни претпријатија поради неправилности при вршење јавен превоз со автобуси

Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон и ги додели пехарите