Утрински Весник
Спорт

„Мајка ти е католичка, татко ти муслиман – што си ти?“: Шокантниот одговор на Златан Ибрахимовиќ

Img 3080.jpeg

Златан Ибрахимовиќ, познат по својата интригантна природа, повторно привлече внимание со своите изјави, овој пат на темата религија. За време на интервју за „Атлетик“ во текот на американската турнеја на Милано, клубот каде што Златан сега работи како советник на сопственикот Џери Кардинале, шведскиот фудбалер зборуваше за своите погледи на религијата, тема која предизвикала контроверзии и омраза кон него во минатото.

Иако често ги провоцирал христијанските празници, Златан речиси никогаш не проговорил јавно за својот став на оваа чувствителна тема. Но, сега тој го отвори своето срце и се обиде да објасни што навистина мисли. „Златан, ти си син на католичка и муслиман – дали си религиозен?“ прашал новинарот. Златан одговорил: „Не. Јас верувам само во почит. Па така, доколку кажам ’само Бог може да ми суди‘, кого воопшто го таргетирам со тие зборови?“

Ибрахимовиќ дополнително објасни дека тие зборови, иако истетовирани на неговото тело, не се упатени до критичарите, туку се израз на неговата лична филозофија. „Кога брат ми почина од леукемија, каде беше Бог да му помогне? Во мојот свет, јас сум мојот сопствен Бог. Во тоа верувам и тоа е дел од моето размислување,“ рече тој.

Златан откри дека има и будистички тетоважи на грбот, кои ги ставил таму „за да не ги гледа секој ден“ бидејќи, како што вели, би се изморил од нив. Тој исто така нагласи дека неговото тешко детство, како син на југословенски имигранти во Малме, одиграло клучна улога во формирањето на неговата личност.

„Секогаш имаше многу дисциплина. Татко ми говореше да се вратам дома до осум навечер, не смеев ниту една минута повеќе бидејќи ќе бев казнет. Како бев казнуван? Со агресија. Секое семејство има различен начин на воспитување. Во моето семејство патот беше малку потежок, и самите тие доаѓаа од проблематични средини. Моите се запознале 10 години пред војните на Балканот, а веќе кога дошла и војната на праг, било само потешко за сите нас. Опкружувањето беше многу, многу тешко“, објаснил Златан Ибрахимовиќ., уште еднаш целосно искрено и отворено за својот живот.

Една од најтешките епизоди во животот Златан Ибрахимовиќ ја опишал во книгата „Адреналин: мојата нераскажана приказна“, каде се осврнал на смртта на неговиот брат Шапко. За жал, тој починал на 42-годишна возраст од леукемија, а тоа многу го погодило славниот фудбалер кој до ден-денес не е закрепнат од таа трагедија.

„Не сакам да размислувам каков ќе бидам кога ќе остарам и како ќе стареат моите тетоважи, намерно ги истетовирав на грб за да не ги гледам. Немам никакви тетоважи на моите нозе, само лузни поради мојот стил на игра и мојата фудбалска историја. На раката го истетовирав датумот на раѓање на мојот брат Шaпко, кој почина на 42-годишна возраст – 30 април, 1973 година.

Леукемијата го однесе само за 14 месеци, па не сакам да размислувам за иднината сконцентриран сум само на сегашноста“, пишува во книгата шведскиот напаѓач.

„Се обидувам да не губам ниту една секунда и се трудам да бидам што е можно поблиску до моите синови и да поминувам време со нив и со луѓето кои ги сакам затоа што знам дека животот лета и дека еден лекарски преглед е доволен за да засекогаш се промени сè.“

„Кога го прашав Шапко како забележал дека е болен, ми кажа дека одел по улица и одеднаш почнал да се чувствува чудно, како да тоне во тротоарот. Се чувствувал како да е под вода, не можел да дише. Веднаш се упатил во болница и направил серија тестови, нему не му кажале ништо. Наредниот ден, докторот го повикал мојот татко и му раскажал сè. Тој го прашал за каква леукемија се работи и го добил одговорот „агресивна“, а за жал состојбата по почетните терапии не се поправаше, впрочем делуваше дека само му се влошува.“

„Шапко почна со терапија, но неговата состојба се влоши за неколку месеци. Се вратив од Париз каде што играв и го затекнав отечен, без коса и тешко се движеше. Многу ми беше тешко да го видам во таква состојба Не бев подготвен. Мораше да пие еден куп лекови за да се чувствува подобро, но тоа беше во кратки интервали. Тато го одведе во тоалетот, па се врати во дневната и за првпат ми призна: „Нема надеж“. Го погледнав и ја сфатив сериозноста на неговиот поглед. Не можев да дишам, ниту пак да проголтам. Но, како? Шапко ми даваше надеж, а татко ми мѝ ја одземаше. Со својата физичка сила која ја имав, со сите пари, со сите познанства, не можев да направам ништо и да го спасам својот брат. Се чувствував потполно немоќно, како апсолутна нула. Бев уништен.“

„Состојбата на Шапко се влоши уште повеќе, го однесовме во институција, но тој остана таму само седум дена. Тоа не му се допадна. Тогаш тато одлучи да го врати дома. Но, тој беше исцрпен од болката и напорот на кој беше изложен додека го негувал синот, 24 часа дневно повеќе од една година. Не се одделуваше од него ниту на минута. Беше ослабен, повеќе не можеше ниту да го подигне иако Шапко беше лесен како пердув. Беше принуден да го врати на клиника. Се упатив кон клиниката, му заѕвонив на татко ми, тој излезе и тргна кон мене и заедно отидовме кон собата на Шапко. Тој веќе беше во кома. Неправилно дишеше. Тато ми објасни дека се продолжувале интервалите помеѓу првото и второто вдишување. Седев на креветот, но тешко ми беше да го гледам брат ми, не можев, само го слушав здивот кој се продолжуваше. По 15 минути го слушнав татко ми: „Ете, готово е … Не дише повеќе“.

„Шапко дочека да дојдам, па потоа почина, сакаше да бидам тука – покрај него. Апсолутно сум убеден во тоа. Спиев до доцна, појадував без брзање, направив сè полека, но тој ме чекаше. Дури кога стигнав, по десет минути, брат ми го зеде последниот здив. Тато стана да го покрие со чаршафот, но јас го спречив: „Не, не го допирај. Нека го направи тоа некој друг“.

Погребот бил одржан според муслиманските обичаи, а таткото на Златан Ибрахимовиќ одбрал 6 најблиски луѓе за да го спуштат во гробот. Самиот тој прв фрлил земја во гробот.

„Потоа дојде и мојот ред, го направив истото, еднаш, двапати, но не можев понатаму. Покривајќи го би значело дека ја прифаќам неговата смрт, а во мојата глава Шапко сè уште беше жив. Не можам да признаам дека повеќе го нема. Беше премлад, беше мојот брат. Се приклучив на семејството и плачев опкружен со нив. Тато не пушти ниту солза. Наредниот ден се вратил сам на гробот и плачел целиот ден, од утро до вечерта. Ми објасни: ’Ќе го направам тоа само уште еднаш и нема повеќе‘“.

Можете да прочитате

Мукаетов најави повлекување од позицијата претседател на РФМ

Бразилецот Матеус Еванжелиста и французинката Каролин Жуис победници на 37. Охридски пливачки маратон

Тешки гостувања за Македонците во првото коло во ЛШ: Динамо во Минхен, Џирона во Париз, Лајпциг кај Атлетико