Речиси извесно е дека наставниците во основното и средното образование годинава нема да го добијат предвиденото зголемување на платите.
Зголемувањето на платите, односно нивно усогласување со растот на минималната плата, беше закочено поради двојните избори што се одржаа оваа пролет, па очекувањата беа дека новата Владата ќе го заврши процесот со што вработените во образованието требаше да добијат покачување на платите од 12,5 проценти.
Но, дека тоа нема да се случи годинава, денеска и официјално потврди министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Наместо поголеми плати, Јаневска на наставниците и професорите им порача да имале верба во Владата, но и да покажеле пасија во нивното работење.
„Наставниците имаат права како и сите други, им се обраќам на наставниците да имаат верба во Владата, да имаат верба во министерот за образование и да бидат сигурни дека нема да бидат заборавени и дека ќе бидат приоритет. Јас ги молам наставниците, она како што јас ги доживувам во овој момент, да постапуваат со онаа пасија кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија да ја истераме оваа година со таа нивна волја и желба да придонесат за знаењето на учениците, да придонесат за напредок на државата, а она што им следува, бидејќи и мене и на премиерот ни е добро познато тие секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи, а јас еве како министер грчевито ќе се борам и ќе се борам и на Влада и со нив со преговори и се тоа да биде што е можно повеќе“ рече денеска министерката Јаневска.
Претходно, МОН најави дека следното покачување на платите во образованието ќе биде дури за седум месеци отсега односно во март 2025 година кога платите би се зголемиле меѓу 10 и 12 проценти.
Во меѓувреме, Синдикатот за образование наука и култура, не отстапува од барањето зголемувањето да се случи оваа година, а оттаму очекуваат средби со премиерот, со министрите за финансии и образование, по што ќе ги соопштат следните чекори.