Утрински Весник
Македонија

Филипче: Кредитот од Унгарија е бизнис план на Мицкоски на штета на граѓаните

Filipce Kumanovo 1.jpg

Ставање на државата во економско и политичко заложништво на друга земја е многу погрешен чекор. Три поколенија ќе ги враќаат позајмувањата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зад кои се кријат очигледни матни намери.

Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кредитот од Унгарија е всушност бизнис план на Мицкоски кој со сигурност ќе оди на штета на граѓаните. 

„Мицкоски обвинуваше за наводно подаништво на СДСМ кон ЕУ, а сега тој лично е најголемиот поданик на Унгарија, земја со отворено происточни тенденции и нејасна улога во рамките на Европската Унија. При состојба на ваков долг кон Унгарија, несомнено е дека и политичките одлуки и целосната стратешка ориентација на земјата ќе бидат под силно унгарско влијание. 

Но тоа е едниот проблем, другиот проблем е потенцијалната корупција која се спрема со овие пари”, изјави Филипче во интервју за неделникот Фокус.

Една од причините за кредит од земја, а не од финансиска институција е помалата контрола врз тоа како ќе се трошат парите, појаснува Филипче. 

„Ова значи дека овие пари ќе се потрошат неконтролирано што апсолутно значи дека ќе има многу корупција. Според нашите информации, ВМРО-ДПМНЕ и за делот кој се однесува на проекти од општините веќе преговара со компании кои ќе ги работат проектите, при што ќе бидеме сведоци на офајдување на бизниси блиски до ВМРО-ДПМНЕ”, вели Филипче во интервјуто.

Фактурите од договорот со Унгарија веќе пристигнуваат, смета Филипче, а допрва ќе ги видиме и другите фактури и бизнис интереси што се кријат зад договорот за кредитот. 

„Веднаш по кредитот стигна и најавата дека телекомуникациска компанија блиска до унгарскиот премиер, Виктор Орбан влегува во државата. Таа се најавува како некаква голема инвестиција која реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата. Но, Владата не одговара, како унгарскиот мобилен оператор „4iG” ќе влезе во земјава кога има стратешко партнерство со кинеска компанија и тоа е спротивно на домашните закони со кои се обврзуваме да користиме телекомуникациски системи од доверливи добавувачи”, вели Филипче.

Можете да прочитате

СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Изгоре 5% од територијата а вие терате политиканство

Ангелов: Пожарот на Галичица делумно под контрола, дејствуваат над 120 лица

За едно деноноќие – пет пријавени случаи на семејно насилство