Фатон Клинаку, вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), денеска соопшти дека поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, успеал да избега од домашен притвор во Северна Македонија. Според Клинаку, македонските правосудни органи одлучиле да го вратат Рамадани во притвор со цел да го екстрадираат во Србија, пренесува дописникот на МИА од Приштина.
Клинаку на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека новата коалициона влада во Северна Македонија, во чија формација, според него, помогнал косовскиот премиер Албин Курти, ги прогонува воените ветерани на ОВК. Тој изрази сериозна загриженост дека „доколку продолжи ваквата политика на прогон на Албанците, за секоја ескалација на ситуацијата“ ќе одговараат Курти и „вештачката македонска држава“.
„Откако решија да го вратат во притвор од домашен притвор со цел екстрадиција во Србија, Блерим Рамадани побегна и многу добро направи. Вештачката македонска држава против него распиша потерница бидејќи сака да ги извршува наредбите на Вучиќ. Оваа власт која дојде во Македонија, на која за жал ѝ помогна Курти во име на промените, ги прогонува воените ветерани на ОВК. Но, нека разберат дека доколку продолжи ваквата политика на прогон на Албанците, тие ќе одговараат за секоја ескалација на ситуацијата,“ напиша Клинаку.
Блерим Рамадани беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинца врз основа на меѓународната потерница издадена од Србија, која го сомничи за воени злосторства во регионот на Неродиме за време на војната во Косово. Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, побара од македонските власти да го екстрадираат Рамадани во Србија, а ова прашање беше разгледано и за време на посетата на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља на Скопје.
Рамадани на 1 август беше префрлен во куќен притвор во Скопје, каде требаше да остане до 16 август. На 9 август, Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани и да го остави во домашен притвор додека не се донесе правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Со бегството на Рамадани, тој станува трет државјанин на Косово, по Гафур Дуголи и Томор Морина, кој беше уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница, но останува да се види како ќе се развиваат настаните и дали ова ќе доведе до дополнителни тензии меѓу Приштина и Скопје.