Утрински Весник
Скопје

Перински за состојбата во градот Скопје: Очекувам разрешница во рамки на закон

Perinski Penov 24 06 2024.jpg

Барањето на скопските градоначалници за одземање на ингеренциите на Град Скопје во областа на комуналната сфера е резултат на секојдневниот притисок од граѓаните, коишто со право се незадоволни од услугите, коишто се во надлежност на Град Скопје, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и кој што посочува дека за актуелното прашање ќе се разговара на следната владина седница, со цел да се најде решение за состојбите во град Скопје.

-Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив. Предлогот од страна на ЗЕЛС претпоставувам ќе се разгледува на следна седница на Влада, кадешто ние ќе ги кажеме своите ставови врз основа на законските механизми и сум убеден дека ќе се донесе најдоброто решение за граѓаните на град Скопје. Суштината е дека секое непостапување, согласно со надлежностите, кои се утврдени со закон и за којшто зема плата од скопјани, само по себе е прекршување на законот, коешто може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување, вели Перински, информираат од МЛС.

Тој јавно ги повикува надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.

Според Перински, недозволиво и опасно е по скопските улици да има неподигнат и расфрлан смет на секој чекор и тоа на енормно високи температури. Срамни и опасни се, смета министерот, неискосените тревни површини на јавните простори под градска надлежност, каде се рекреираат скопјани и играат најмладите. Истовремено, не постои соодветен збор за нередовниот и небезбеден јавен превоз, кој е единствен транспорт на илјадници граѓани.

-Впрочем и скопјани секојдневно сведочат за состојбата по улиците, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии од јавните површини. Тоа само по себе говори дека несомнено проблемот треба да се реши под итно, во согласност со закон и секој фактор да делува во рамки на своите надлежности и ингеренции, нагласува Перински.

Можете да прочитате

Град Скопје: Апелираме Мицкоски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ

(Фото) Рекордно високи температури во Скопје, сите чекаат заладување

Мицкоски: Арсовска во разумен рок да се зафати со решавања на проблемите во градот Скопје